1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Турција пред дилема кои мерки да ги преземе

21 ноември 2003
https://p.dw.com/p/AcSE
Во минатата недела две синагоги во Израел беа цел на ужасни напади. Само пет дена подоцна терористите одново нападнаа во метрополата на Босфор, овојпат врз британскиот генерален конзулат и врз филијала на британска банка. Кој и кои организации се кријат зад ваквите насилнички акти? Теророт во Турција достигна нова димензија. Подробности од прилогот на Баха Гингер.

Шокот во турската јавност е голем. Најчесто поставуваното прашање гласи: како се случи Турција одеднаш да стане држава во која се вршат напади од таков вид? Претседателот Ахмет Сезер, премиерот Реџеп Ердоган и шефот на генералштабот Хилми Ечкек заеднички прават напори да го смират населението. Тие го делат мислењето од Европа дека зад нападите се крие терористичката мрежа Ал Каеда. Турските фундаменталистички групи, тоа е сигурно, не се способни за вака организирани насилства. Дали терористите со нивните напади сакаа да и го отежнат европскиот курс и натамошното зацврстување на европските вредности и норми на турската полумесечина? Секако не треба да се исклучи ниту фактот дека Турција има добри дипломатски и воени односи со Израел .
Следната мотивација на терористите би била прозападната и пред се проамериканската политика на Турција, иако таа се изјасни против ирачката војна. Јасно е дека внатрешната стабилност и принципот на лаицизам, стриктното одделување на државата и религијата фундирани во уставот, ја загрозуваат Турција. По нападите се зголемија и ризиците за напредокот во подрачјата на човековите и на правата на малцинствата, како и демократизацијата и економскиот развој кои ги зголемуваат шансите за влез во Европската унија. Турското државно и воено раководство најавија радикални мерки против тероризмот. Засега останува отворено какви ќе бидат. Меѓутоа, никогаш досега меѓународниот карактер не беше толку јасен, зашто корењата на новите димензии на тероризмот не треба да се барат во Турција. Милитантните групи во Турција не располагаат со структури и средства за спроведување такви напади. Против таквите групи турскиот безбедносен апарат во минатото постојано атакуваше и нивниот простор за дејство го сведе на минимум. Сега се чини дека екстремистите во Турција добија широка логистичка поддршка од меѓународните терористички мрежи. На турското раководство нема да му биде лесно да реагира против нив. Познато е дека границите кон Сирија, Ирак и Иран се пропустливи. Затоа не изненадуваат извешатите според кои експлозивот за последните напади стигнал преку северен Ирак. Генералштабот во неговото обраќање до турската јавност гарантира дека како и секогаш е подготвен да ги исполни задачите без грешка и да ја чува неделивоста на единството на турската република и нација. Меѓутоа, армијата и политиката во Турција се наоѓаат пред дилемата: од една страна не смее да се загрози демократизацијата. Од друга од голем дел на турската јавност се очекува цврст настап. Синдикатите и цивилните групи сакаат со заеднички манифестации да демонстрираат против тоа Турција да се претвори во молчаливо и исплашено општество. Притоа и воздржаната загриженост од враќање во авторитарна Турција што ја карактеризираа кршења на човековите права.