1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Турција му откажа гостопримство на израелскиот амбасадор

2 септември 2011

Турција го протера израелскиот амбасадор и ги прекина воените врски со Израел поради тоа што Тел Авив одбива извинување за минатогодишниот напад на изралески командоси на турски брод со хуманитарна помош за Појасот Газа.

https://p.dw.com/p/12S8V
Ахмед ДавутоглуФотографија: picture alliance/abaca

„Во овој момент ги преземаме следните мерки, односите меѓу Турција и Израел ќе бидат намалени на ниво на втор секретар. Сите официјални лица на ниво над втор секретар, на прво место амбасадорот, ќе бидат вратени во својата земја најдоцна до среда“, изјави министерот за надворешни работи на Турција Ахмед Давутоглу.

Давутоглу нагласи дека Турција ги суспендира сите воени договори меѓу двете земји, истакнувајќи дека е време Израел да ја плати цената.

Турција планира да наметне пет санкции кон Израел поради одбивањето на Израел да поднесе извинување за нападот на израелските командоси врз меѓународниот конвој бродови со хуманитарна помош за Појасот Газа на 31 мај во кој загинаа девет турски пропалестински активисти.

Како други соодветни мерки Турција планира да преземе меѓународна иницијатива за откривање на законитоста на легитимноста на блокадата на Појасот Газа од страна на Израел. Анкара ќе даде поддршка на сите судски постапки, кои ќе се преземат од повредените во нападот на израелските командоси.

„Злосторството, извршено од Израел не е обичен престап. Израел изврши воено злосторство во меѓународни води“, нагласи Давутоглу во изјавата по повод наводите на медиумите за извештајот на комисијата на ОН за случајот од 31 мај минатата година.

Според Давутоглу, израелскиот амбасадор треба да си замине до среда.

Чекорот на Анкара доаѓа само неколку часа пред објавувањето на извештајот на ОН за инцидентот.

NO FLASH Symbolbild Israel Türkei Krise
Фотографија: AP

„Прекумерна и несразмерна“ акција на Израел

Во извештајот на ОН околу нападот врз бродовите со хуманитарна помош за Појасот Газа, во мај 2010 година, израелската операција е критикувана како „прекумерна“ и „несразмерна“. Истовремено, израелската поморска блокада на Појасот Газа е оценета како легална, известува „Њујорк Тајмс“.

Американскиот весник дојде до финалниот извештај на Истражната комисија на ОН за поморскиот инцидент. Извештајот на ОН кој првобитно требаше да биде завршен во февруари, треба официјално да биде објавен денеска. Во него уште се наведува дека Израел мора да се извини за своите постапки и на семејствата на загинатите да им исплати отштета.

Комисијата на ОН, која ја предводи поранешниот премиер на Нов Зеланд, Џефри Палмер, во извештајот наведува дека израелските командоси при упадот на бродот Мави Мармара се соочиле со „организиран и насилен отпор“.

„Меѓутоа, израелската одлука да се влезе во бродот со употреба на масивна сила, на голема оддалеченост од  зоната на блокада и без конечно предупредување пред упадот, била претерана и несразмерна“ , се заклучува во извештајот.

Автор: ЖА/БГ/миа/дв/дпа/афп

Редактор: Борис Георгиевски