1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Турција и Сирија ја спуштаат тензијата

Томас Борман / Елизабета Милошевска Фиданоска5 октомври 2012

Советот за безбедност на ОН го осуди најостро гранатирањето на турското село на границата со Сирија. Во меѓувреме, Анкара и Дамаск се обидуваат да ја намалат тензијата.

https://p.dw.com/p/16Kux
Фотографија: Bulent Kilic/AFP/GettyImages

На границата меѓу Сирија и Турција повторно е мирно. Двете земји прават напори за ралаксирање на ситуацијата. Турксиот премиер Реџеп Таип Ердоган вчеравечер (04.10) изјави: „Турција сака мир и само мир во регионот и сака безбедност. Ние не сакаме војна. Што значат војните во овој регион може да видиме во Ирак, во Авганистан и во Сирија во изминатите една и пол година.“

Сирија и‘ се извини посредно на Турција за гранатирањето во кое загинаа пет лица. Турскиот вицепремиер Бешир Аталај во Анкара објасни:

„Сирија призна и се извини. Тие упатија уверување дека вакво нешто нема да се случи повторно. Тоа го изјавиле во ОН, а потоа од ОН тоа беше пренесено овде.“

Во Акчакале и натаму тензично

Сепак, турскиот парламент на седница затворена за јавноста вчера попладне даде зелено светло за воени напади на турската амрија во Сирија. Доколку повторно паднат сириски гранати на турска територија, турската воена авијација или специјални копнени сили би можеле да ја преминат границата со Сирија и да извршат одмазднички напад. Сепак, планови за навлегување на турската армија во Сирија нема. Аталај уверува:

„Ова не е подготовка за војна, туку служи за заплашување и е во турски интерес за да се заштити државата.“

Syrien Türkei Angriff auf Akcakale Beerdigung
Погреб на загинатите во АкчакалеФотографија: AFP/GettyImages

Турција вчераутро и во средата вечерта (03.10) гаѓаше воени бази во Сирија. Притоа, како што се вели во Сирија, загинале двајца сириски војници. Со овие напади Турција се одмазди за гранатирањето на градот Акчакале, при што загинаа две жени и три деца, а има и повеќемина повредени. Дваесет и петте илјади жители на Акчакале живеат и натаму во страв:

„Вчеравечер беше кошмар. Градот ни се претвори во град на духови. Така е веќе еден месец. Училиштата се затворени, а од вчера не сме заспале.“

„Половина град е во бегство. Поголемиот дел од луѓето замина за Урфа, но има и такви кои отидоа дури во Истанбул.“

Според едно од новите истражувања на јавното мислење, големо мнозинство од Турците отфрла војна против Сирија. Еден такси возач од Анкара вели: „Не сакам Турција да влезе во војна со Сирија. Ако е неопходно, армијата може да интервенира во ограничени рамки во Сирија.“

Друг негов сограѓанин, пак, бара „тампон зона на границата за Турција да не биде веќе загрозувана“. Турската влада повеќепати бараше создавање тампон зона на сириска територија. На тоа меѓутоа се спротивставува Сирија, што значи тампон зона ќе може да се создаде само со воена сила. Турција не сака тоа да го спроведе сама, а партнерите во НАТО не се подготвени на такво нешто.