1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Турција и Израел се далеку од помирување

Ајхан Шимшек/Борис Георгиевски6 ноември 2012

Нарушените односи меѓу Турција и Израел се очекува да доживеат нов удар неделава, по почетокот на процесот против четворица израелски воени команданти. Тие се обвинети за нападот врз флотилата Мави Мармара во 2010.

https://p.dw.com/p/16d27
Фотографија: DW

Пред судот во Истанбул денеска (06.11.) почнува судењето на четворица израелски воени команданти обвинети за нападот врз турската флотила Мави Мармара во 2010. година. Обвинителството бара доживотна затворска казна за секој од обвинетите. На командантите, меѓу нив и началникот на Генералштабот на израелската армија Габи Ашкенази, ќе им биде судено во отсуство.

Израел го отфрли судењето како „унилатерален правен процес“ и одби да соработува. Многу експерти исто така ја доведуваат во прашање турската јурисдикција за случајот. Но, активистите од Мави Мармара и семејствата на жртвите имаат големи очекувања.

„Ова ќе биде историско судење“, вели Гулден Сонмез, адвокат и член на бордот на Исламското друштво ИХХ, кое го организираше конвојот на Мави Мармара.

„Одговорните за злосторствата против човештвото ќе одговараат. Ова не е симболично судење. Доколку бидат прогласени за виновни, израелските команданти можат да бидат уапсени насекаде низ светот преку потерница од Интерпол“, вели Сонмез.

+++ACHTUNG SCHLECHTE QUALITÄT+++ Überfall Israel Gaza Boot Schiff
Нападот врз флотилата Мави МармараФотографија: AP

Пред две години, активисти и борци за човекови права од 37 земји се обидоа да ја пробијат израелската поморска блокада на Појасот Газа со флотилата Мави Мармара. Кампањата ја спонзорираше турското исламско друштво ИХХ, кое има блиски релации со владата во Анкара. Обидот на израелската армија да ја сопре флотилата резултираше со крвопролевање, во кое загинаа 9 турски активисти, а 30 беа повредени.

Три услови за Израел

Оттогаш турско-израелските односи го допреа дното. Анкара го протера израелскиот амбасадор, го симна нивото на дипломатските односи и ја суспендираше воената соработка. Обидите на ОН да спроведат независна истрага за случајот и дипломатските напори за помирување меѓу двете земји, исто така пропаднаа.

Владата на исламистичката АКП во Турција бараше од Израел исполнување на три услови за повторна нормализација на односите: формално извинување, обесштетување на жртвите и укинување на блокадата на Газа.

„Доколку Израел сака да ги нормализира односите со својот најголем пријател во исламскиот свет, ќе мора да ги исполни сите три услови“, изјави минатата недела Егемен Багис, турскиот министер за ЕУ интеграции.

Влошувањето на односите меѓу Турција и Израел предизвика загриженост кај американската администрација, како и кај европските влади. И покрај подемите и падовите, двете земји имаа добри односи повеќе од 50 години. Но, во последните две години, Турција ја блокираше поблиската соработка на Израел со НАТО, што, пак, го предизвика Тел Авив да воспостави поблиски односи со грчкиот Кипар и со Грција. Силното еврејско лоби во САД исто така ја повлече традиционалната поддршка за Турција, што ја стави позицијата на Анкара за многу стратешки прашања во потешкотии.

Protest in Istanbul gegen Isreals Angriff auf Hilfskonvoi
Протести во Турција против ИзраелФотографија: AP

Внатрешната политика ги диктира приоритетите

Обидите за помирување одат тешко и поради тоа што внатрешната политика игра важна улога за двете земји.

„Сметаме дека владата на Ердоган ги прекина добрите односи со Израел за сметка на зголемување на турското влијание во арапскиот свет“, вели за ДВ израелски дипломат кој инсистира на анонимност. Но, подобрувањето на односите е во најдобар интерес на двете земји, особено имајќи ги предвид предизвиците во регионот, посебно Сирија.

„Уверен сум дека наскоро ќе најдеме начин да ги подобриме односите“, заклучува изворот.

Наспроти израелските дипломати, во Анкара нудат поинаква перспектива. За турските дипломати виновна е израелската домашна политика.

„По неколку рунди преговори, турските и израелските преговарачи постигнаа договор за основна рамка, која би водела кон нормализација. Но, израелските политичари не покажаа политичка храброст, и не го одобрија договорот“, вели турски дипломатски извор за ДВ.

Symbolbild Erdogan Netanjahu
Реџеп Таип Ердоган и Бенјамин НетанјахуФотографија: AP

Сега во Анкара сите очи се свртени кон парламентарните избори во Израел, кои ќе се одржат во јануари, а чиј исход би можел да има позитивен ефект за помирување меѓу двете земји. Уште еден важен фактор е политиката на Ердоган. Дали тој ќе преземе одлучни чекори за подобрување на односите со Израел не е јасно, но Ердоган веќе стави до знаење дека е решен да продолжи да бара укинување на блокадата на Газа.

„Турција нема да прифати опција која би вклучила извинување и компензација без подигнување на блокадата на Газа“, изјави Ердоган минатата недела во Берлин по средбата со канцеларката Ангела Меркел.