1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Турција и Израел не попуштаат

4 септември 2011

Турција и Израел остануваат тврдо на своите позиции во спорот околу воената акција против хуманитарниот конвој бродови со помош за Појасот Газа. На нивните односи се закануваат долгорочни последици. Западот е загрижен.

https://p.dw.com/p/12Ss6
Фотографија: DW

Фронтовите меѓу Турција и Израел се заострени по ескалацијата во спорот поради крвавата воена интервенција на бродот-дел од флотата со хуманитарна помош за Појасот Газа. Израел го одбива извинувањето побарано од Турција, како што истакна денеска израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху за време на владината седница во Ерусалим.

Турција во петокот го протера израелскиот змбасадор и ги замрза сите воени догвоори со Израел. Турскиот претседател Абдула Ѓул се заканува со натамошни чекори. Кратко претходно беше објавен за Анкара непријатниот извештај на Истражната комисија на ОН за нападот врз турскиот брод „Мави Мармара“. Во израелската командоска акција на него пред 15 месеци беа убиени  деветмина пропалестински Турци. Во извештајот на комисијата на ОН позицијата на Израел е оправдана во значајни точки.

Mavi Marmara Gaza Flotte Israel
Бродот Мави МармараФотографија: AP

„Израел жали за загубата на човечки животи, но ние не мора да се извинуваме за заштитата на нашите граѓани“, изјави израелскиот премиер Нетанјаху денеска. Тој потенцираше уште дека Израел нема намера да ги влошува односите со Турција.

Сојузниците апелираат на разумност

Партнерите на двете земји се трудат да ја намалат напнатоста. Германскиот министер за надворешни работи Гидо Вестервеле денеска (04.09.2011) ја повика Турција да го прифати резултатот на меѓународната истрага за инцидентот со конвојот бродови со хуманитарна помош за Појасот Газа. Тој оцени дека истрагата била независна и транспарентна, иако некому не му се допаѓа.

САД ги повикаа влдите во Анкара и во Ерусалим да ги запрат меѓусебните расправии. Вашингтон жали што двете земји не сакаат да ги запрат несогласувањата, соопшти американското министерство за надворешни работи во Вашингтон.

Палестинските автономни власти во Западниот Брег го критикуваа извештајот на истрагата.

„Тврдењето за легалноста на израелската блокада на Појасот Газа е одвратно и го охрабрува Израел натаму да ги крши правата на палестинскиот народ“, изјави премиерот Сакам Фајад.

Израелската војска на 31 мај 2010 година со командоси и хеликоптери го нападна турскиот брод „Мави Мармара“, кој заедно со други бродови пренесуваше 10 илјади тони хуманитарна помош за Појасот Газа и сакаше да ја пробие израелската блокада на регионот.

Автор: ЖА/СН/дпа/афп

Редактор: Симе Недевски