1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Турција го повлече амбасадорот од Вашингтон

5 март 2010

Комитетот за надворешна политика на Конгресот усвои резолуција со која се оценува како геноцид страдањето на Ерменците во Отоманската империја. Турската Влада одговори со итно повлекување на амбасадорот од Вашингтон.

https://p.dw.com/p/MKaw
Турскиот премиер Ердоан и американскиот претседател ОбамаФотографија: dpa

Турската влада соопшти дека амбасадорот Намик Тан бил повикан на консултации во Анкара веднаш по усвојување на резолуцијата. Комитетот за надворешна политика гласаше во полза на осудата на геноцидот со тесно мнозинство од 23 спрема 22.

Претходно, администрацијата на американскиот претседател Барак Обама апелираше до Комитетот да го одложи усвојувањето на резолуцијата. Според портпаролот на Белата куќа Мајк Хамер американскиот државен секретар Хилари Клинтон вчера разговарала со претседателот на Комитетот, Хауард Берман и навести дека усвојувањето на резолуцијата може да ги попречи преговорите за помирување меѓу Турција и Ерменија.

Турските власти јасно ставија до знаење дека усвојувањето на резолуцијата за масакрот над Ерменците ќе претставува сериозно загрозување на соработката и меѓусебните односи. „Усвојувањето таква резолуција без очигледна причина, нема разумно оправдување ни во политичка, ниту во етничка смисла“, изјави шефот на турската дипломатија Ахмет Давутоглу.

Flaggen der USA und der Türkei // NO-FLASH
Фотографија: DW

Турција и Ерменија, лани, потпишаа протокол за нормализација на односите по речиси 100 години непријателство, но тој не е ратификуван во парламентите на државите. Турските власти прифаќаат дека за време на распадот на Отоманската империја, во 1915 година, биле убиени голем број Ерменци, но не и дека таа цифра е 1,5 милиони, ниту дека тоа бил геноцид како што тврдат во Ереван.

Од друга страна, Турција е клучен сојузник на САД на Блискиот исток и во Авганистан, и Вашингтон стравува дека евентуалното заладување на односите би можело да го наруши неговиот интерес во регионот, особено логистичката поддршка во Ирак, каде американските трупи буквално би останале без вода, кога Турција би одлучила да ја откаже поддршката.

Останува неизвесно дали резолуцијата воопшто ќе може да биде усвоена од страна на Конгресот, каде засега е мало расположението за такво нешто. Агенциите јавуваат дека и одлуката на Комитетот е донесена под големо влијание на ерменските лоби групи во САД кои со години притискаа за слична резолуција.

Автор: БГ/ЕМФ/ап/миа

Редактор: Александра Трајковска