1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Турција внимателно ги следи изборите во Америка

Ајхан Шимшек / Кристина Озимец5 ноември 2012

Турската влада внимателно ги следи претседателските избори во САД. Анкара се надева дека втор мандат за Барак Обама ќе значи и посилен напор од страна на САД да се урне режимот во Сирија.

https://p.dw.com/p/16cwx
Фотографија: Reuters

Владата на премиерот Реџеп Таип Ердоган е еден од клучните сојузници на администрацијата на Обама во последните четири години. Со продлабочувањето на кризата во Сирија се појавија и разлики пмеѓу Анкара и Вашингтон, но Обама се‘ уште е кандидатот што го преферираат политичките елити во Турција.

„Турската влада води исклучително самоуверена политика за да го урне Асад и врши притисок за етаблирање на зона на забрането летање или тампон зона во Сирија“, вели Серкан Демирташ, колумнист за надворешна политика на Хуријет Дејли Њуз. „Но администрацијата на Обама не е заинтересирана за ескалација на тензијата, која би довела до воена интервенција на американските сили. Ова е најнепосакуваното сценарио за американската администрација, особено пред претседателските избори“, додава тој.

Несогласувањето меѓу Ердоган и Обама за Сирија станаа уште поевидентни по отворените критики на Ердоган кон Обама за „недостаток на иницијатива околу Сирија“, за време на неодамнешното интервју со CNN.

Посебно, но не и лесно пријателство

Ердоган и Обама имаат посебен однос уште од 2009., кога Турција беше една од првите дестинации на американскиот претседател, каде тој ја подвлече важноста на сојузниците на неговата администрација. Двете влади имаа многу блиски врски околу клучните политички прашања. Минатата година, Ердоган и Обама се сретнаа повеќе пати и имаа неколку телефонски разговори во кои ги координираа политиките за Арапската пролет, Блискиот Исток и Иран.

Сепак, почнувајќи од почетокот на годината, односите на Ердоган и Обама навлегоа во сериозни потешкотии. Нивниот очигледен недостаток на комуникација во турските медиуми беше интерпретиран како знак за растечки разлики помеѓу двајцата лидери.

Südkorea Seoul Atom-Gipfel Obama Erdogan
Владата на премиерот Реџеп Таип Ердоган е еден од клучните сојузници на администрацијата на ОбамаФотографија: dapd

Анкара се обидува да ја минимизира важноста на разликите помеѓу Ердоган и Обама и турските власти подвлекуваат дека неподготвеноста на Вашингтон да преземе понаметлива политика во Блискиот Исток се должи на домашната политичка предизборна атмосфера.

„Во Анкара, никој не се сомнева дека доколку биде повторно избран, Обама ќе има поблиска соработка со Турција за Сирија“, оценува колумнистот Демирташ, кој додава дека „турската влада би сакала Обама да добие втор мандат“.

Голема популарност на Обама во Турција

Не само политичките елити во земјата, туку и турската јавност би сакала да го види Обама повторно како претседател.

Според последната анкета, повеќето Турци сакаат Обама да победи на претседателските избори. 94 проценти одговориле дека би гласале за Обама, вели анкетата на Барем, компанија за истражување и маркетинг.

За многу аналитичари ваквата огромна поддршка не е изненадување, бидејќи Обама се гледа како лидер кој се спротивстави на контроверзната политика на поранешниот претседател на САД, Џорџ Буш помладиот, особено за време на војната во Ирак. Во 2004-та, 82 проценти од Турците одговориле дека се против реизбор на Буш, бидејќи се плашеле дека ова ќе има негативно влијание на мирот и стабилноста.

„Односите помеѓу САД и Турција беа истрауматизирани во времето на Буш“, вели за ДВ Кагри Ерхан, професор по меѓународни односи на Универзитетот во Анкара. „Во последните четири години, за време на администрацијата на Обама, Америка и Турција ја пребродија оваа траума, одржуваа блиски релации и ги проширија нивните врски“, додава тој.

Според Ерхан, победа за републиканскиот кандидат Мит Ромни, би го отежнала продолжувањето на овој позитивен момент во американско-турските односи.

Ромни создава страв меѓу Турците

Силната поддршка на Мит Ромни за Израел и неговата воинствена политика против Иран веќе создаваат страв меѓу турските политички елити.

„Има големи разлики меѓу политиката на Турција кон Блискиот Исток и визијата за надворешната политика на Ромни“, смета Ерхан. „ По инцидентот со Мави Мармара, турските односи со Израел се влошени и нема нивно подобрување. Доколку Ромни победи на изборите, неговата силна поддршка за Израел ќе ги расипе американско-турските односи“, додава тој.

Globus Türkei Syrien
Сириската криза и грижите околу нуклеарните амбиции на Иран ќе имаат силно влијание врз американско-турските односи по изборитеФотографија: Fotolia/rolffimages

Според колумнистот Серкан Демирташ, сириската криза и грижите околу нуклеарните амбиции на Иран ќе имаат силно влијание врз американско-турските односи по изборите во ноември. Анкара од една страна очекува новата администрација да покаже посилен ангажман околу Сирија, а од друга страна турската влада е против воен напад врз нуклеарните централи во Иран.

„Турција се плаши од можна воена конфронтација помеѓу Израел и Иран која би нанесла непоправлива штета во регионот“, вели Демирташ. „Досега, пораките кои доаѓаат од Ромни и неговите советници не ги намалија грижите на Анкара, туку само создадоа повеќе страв. Од регионален аспект, турската влада верува дека втор мандат за Обама ќе биде значаен и клучен“.