Турканица во врвот на Бундеслигата
30 јануари 2012Борусија Менхенгладбах, последна од водечката четворка во Бундеслигата го одигра својот меч од 19. коло, и тоа нагости кај Штутгарт. На овој терен Борусија немаше победа цели 17 години, уште од 3. декември 1994 година. Но, гостите заборавија на статистиката и извојуваа убедлива победа од 3:0, и со неа повторно се вратија на еден бод заостанување зад водечкото трио: Бајерн Минхен, Борусија Дортмунд и Шалке. Мајк Ханке, Марко Ројс и Игор де Камарго беа стрелци на головите. Со поразот, Штутгарт остана на 10. место на табелата, со четири бода позитива во однос на тимовите кои се во зоната за испаѓање.
Неделниот дуел во Мајнц, меѓу истоимениот домаќин и Фрајбург, беше одлучен по само 17 минути игра. Само толку им беше потребно на фудбалерите на Мајнц да постигнат три гола - на двапати преку Чупо Мотинг и еднаш со голот на Полански. Гостите од Фрајбург уште во првите 10 минути останаа и со играч помалку по исклучувањето на Диагне. Се‘ што потоа успеаја да сторат беше почесниот погодок преку Крмаш за конечни 3:1. Фрајбург е последен на табелата со 16 бода, а Мајнц со 21 е на 12. место.
Водечкото трио без проблеми
За водечкото трио во Бундеслигата немаше проблеми ова коло. Лидерот Бајерн се мачеше, но на крајот го совлада Волфсбург со 2:0 на домашен терен. Во Дортмунд, актуелниот првак Борусија беше доминантна против Хофенхајм и победи со 3:1. Шалке на гостувањето кај Келн имаше негатива од 1:0 на полувремето, но во извонредното второ со четири гола ги однесе бодовите.
Во дуел на екипи кои конкурираат за висок пласман, петто и шесто пласираниот Вердер и Бајер во Бремен одиграа нерешено 1:1. Екипата на Хамбургер го продолжи походот кон горната половина од табелата со победа на гостувањето кај Херта во Берлин од 2:1. За Херта ова беше седми пораз во серија и тимот се наоѓа во опасната зона. Во уште еден дуел на кандидатите за испаѓање, Аугсбург и Кајзерслаутерн ремизираа 2:2.
Во петокот (28.01), Хановер го совлада Нирнберг на домашен терен со 1:0 и ја забележа првата победа по пауза од речиси три месеци.
Автор: Андреас Стен-Цимонс/Борис Георгиевски
Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска