1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Туристите ја заобиколуваат Грција

СН/БГ/нк/дпа/ос27 април 2012

Грчкиот туризам бележи драматичен пад на приходите. Во првите два месеца годинава најважната стопанска гранка во земјата заработила речиси половина помалку отколку во 2011. Притоа Грција зависи од туризмот.

https://p.dw.com/p/14lOX
Фотографија: picture-alliance/ANE Edition

Досега за тоа само се шпекулираше но сега бројките се и официјални. Грција во првите два месеца од 2012. година од туризам заработила 44,7 насто помалку отколку во истиот период минатата година,соопшти Централната Банка на Грција. Најголем пад на приходите се чувствува од досега најбројната група туристи- Германците. Тие во првите два месеци годинава во Грција оставиле 10,3 милиони евра, што е за околу 16 милиони помалку отколку во истиот период во 2011. година.

Драстичен пад

Проблемот не е толку во намалениот број гости. Минатата година во првите два месеца Грција ја посетија 695.700 туристи додека во истиот период годинава ги има нешто помалку 618.400. Проблемот меѓутоа е во тоа што тие остануваат многу пократко и трошат многу помалку. Ситуацијата е најтешка во главниот град Атина, која во текот на целата година профитира од нејзините културни знаменитости па сезоната не и е ограничена само на четните месеци.

Nea Potidea Griechenland
Фотографија: picture alliance/Rainer Hackenberg

Хотелиерите во Атина од почетокот на годината го вклучија „сигналот за тревога“. Падот на бројот на ноќевања од 50 насто во споредба со минатата година е драстичен. Очигледно на многу туристи посетата на Атина им преседнала со оглед на редовните извештаи за хаос на атинските улици. Состојбата е нешто поповолна на островите како Родос, кои се пооддалечени од копното а со тоа и од секојдневните негативни вести за протести и безредија. Но и на туристичките работници на островите , нестабилната состојба на копнениниот дел на Грција би можела да им ги замати сметките. Веќе за први мај бродарите најавија голем штрајк. Траектите меѓу копното и островите нема да сообраќаат на тој ден, што ќе претставува негативен сигнал за туристите кои оваа година сепак би сакале да се упатат кон Грција, стравуваат во грчката туристичка заедница. Еден од главните противаргументи за летување во Грција на пример за германските семејства е дека тие не сакаат да се најдат во ситуација да минуваат денови заглавени на некој аеродром или пристаниште поради штрајкови и безредија, кои не се исклучени во земјата ниту за ова лето.

Подарок бон за туристите

И германските туристички компании страдаат од падот на интересот за едно од најголемите туристички одредишта. На некои од нив така им паднаа на памет многу креативни идеи за пополнување на празните грчки капацитети. Авиокомпанијата Кондор на пример покрена акција на сопствен „заштитен чадор “ за Грција . Таа предвидува секој патник кој преку оваа компанија резервира лет за Грција во оваа сезона ќе добие подарок бон во вредност од 50 евра. „Се надеваме дека со тоа повторно ќе го поттикнеме интересот за Грција. Сонцето, прекрасните плажи и грчкото гостопримство се и натаму исти како и некогаш. Ние покрај тоа ја потпомагаме и европската идеја“, коментира портпаролот на Кондор, Јоханес Винтер. Надежи во акциите како оваа полагаат и во самата Грција, каде околу еден милион граѓани директно или индиректно работат во туристичката бранша. Грчката програма за штедење полека започна да ги покажува првите резултати , што поволно се одрази на положбата на земјата на меѓународните финансиски пазари, но ситуацијата би можела повторно да се заврти наопаку ако потфрли најважниот грчки извор на приходи и тоа во мерка во која може да се насети по резултатите од првите два месеца од годинава.

Griechenland Akropolis Athen Touristen
Фотографија: picture-alliance/dpa