Туризмот ги спасува земјите во криза
2 февруари 2013За шпанскиот регион Коста Брава летото мина како и многу претходни. Сонце и плажа за милиони годишно-одморци, пред се’ Германци, Британци и Руси, кои ни во 2012 година не се откажаа од омилената дестинација, и со тоа и’ подарија на Шпанија рекорден приход од повеќе од 55 милијарди евра - раст од 6 проценти во однос на претхнодната година. Иако шпанските туристи патуваа помалку, сепак, од криза во туристичката бранша немаше ни трага.
И шпанската влада соопшти позитивни бројки: во 2012 година во државната каса се слеале четири милијарди евра повеќе од очекуваното, пред се’ благодарение на повисоките даноци. И од ЕУ доаѓаат охрабрувачки изјави.
„Ова ќе биде уште една тешка година, но јас сум убеден дека ова ќе биде година во која ќе направиме исчекор, во која Шпанија и еврозоната како целина ќе тргнат од стабилизација кон опоравување“, вели европскиот комесар за економија Оли Рен.
Закрепнување, благодарение на штедењето и инвеститорите кај кои, се чини, полека се враќа довербата. Во Шпанија, како и во Грција, поединци и претприемачи ги враќаат парите во банките. Грција е на добар пат да добие еден моќен инвеститор. Пустинскиот емират Катар ќе го поддржи грчкото стопанство со една милијарда евра. За грчката полураспадната економија тоа е вест која е премногу добра за да и’ се верува.