1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Турбокултурата и егзотиката на "Балкан блек бокс" фестивалот

Силвера Падори24 ноември 2005

Во Берлин, шести пат по ред, се оддржа “Балкан блек бокс„, единствен фестивал каде се презентира културата на земјите од Југоисточна Европа. Идеја уште при неговото втемелување беше Западот поблиску да ги почувствува културните импулси на Балканот.

https://p.dw.com/p/AeTy
Македонија присутна во филмската програма
Македонија присутна во филмската програма

Балканот и неговото севкупно политичко и културно живеење, мнозинството Европејците го гледаат преку прифатеното клише. Станува збор за земји и народи кои пет века биле под турско ропство, каде традицијата и патријахалното го имаат водечкиот збор, простори во кои општествениот (социјалистички) систем оставил траги врз демократијата. Да, земјите имаат богато културно наследство, кое поради претходните предуслови и специфично се надрадувало и попримило белег на своевидна егзотика! Клише или егзотика, сеедно, но во секој случај предизвик во една мулти-култи средина како Берлин да се презентира исто така мултикултурноста на просторите од јужната срцевина на Европа. Балкан блек бокс шест години ја претставува културната балканска сцена, и секојпат во фокусот има различна тема и друга земја.

“Тема на годинашниот Балкан блек бокс фестивал беше турбокултурата - Балканот меѓу архаичноста и постмодерната. Земјите од Југоисточна Европа не се разбиени и поделени само со границите, туку имаат и културни разлики. Разговаравме многу за тоа, но и за градовите и селата, за турбофолкот, алтернативната музика и колку таа - музиката, може да биде исполитизирана“ изјави за македонската програма на Радио Дојче Веле Тим Куле, гласноговорник на фестивалот подвлекувајќи дека во рамките на фестивалот се оддржа и изложбата “Вивисект” каде беа презентирани 90 фотографии од 15 автори. Тема беше војната на просторите на поранешна Југославија. Одзивот на публиката беше одличен и изложбата која траеше само пет дена ја посетија над 2000 луѓе. Инаку, според Куле, годинава Бугарија беше земја во фокусот на фестивалот. Заради тоа и нејзините уметници беа присутни во сите фестивалски делови со концерти, изложби, филмови.

Македонија беше лани земја во фокусот, па затоа годинава во Берлин се претстави само во категоријата филм. Во Берлин на фестивалот од Македонија допатува само Марија Џиџева, чиј филм “Списокот на Тони Манџа“ лани победи во категоријата документарен филм. Џиџева вели дека Македонија годинава се претставува со шест филма, дека програмата,и публиката се одлични и дека сеима атмосфера и се одвива на интересни места.

И навистина публиката на Балкан блек бокс беше единствена. Претежно млада, делумно алтернативна, но се среќаваше и по некој заскитан рокер и белокос бунтовник од седумдесетите. Местата, пак, каде се одвиваше фестивалот би рекле се историски. Само еден пример е киното Бабилон. Во големата сала зад платното, се уште се наоѓаат оригиналните оргули од времето на почетокот на немиот филм, кога атмосферата и сликата се доловувала со музика. Во малата сала, пак, неделава особено внимание предизвика филмот за битолските кабадаи. Во специјалната програма надвор од конкуренцијата беше прикажан филмот на Џиџева “Ти си жива“

Колку Балкан блек бокс фестивалот е интересен за публиката, несомнено уште повеќе е и за уметниците од просторите на Југоисточна Европа. Затоа, како вели гласноговорникот Тим Кулер ќе го има сигурно уште многу години дополнувајќи дека Македонија и до сега, а и во иднина ќе биде присутна. Во селекцијата филм секогаш ќе има можности за младите филмаџии, продуценти... Балкан блек бокс од тоа живее и Македонија секогаш ќе биде тука!