1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

191111 IAEA Iran Resolution

19 ноември 2011

Меѓународната агенција за атомска енергија речиси едногласно донесе резолуција во која изразува „длабока загриженост“ поради иранската атомска програма. На Иран му е даден рок до март да одговори на сите отворени прашања

https://p.dw.com/p/13DXy
Советот на гувернери на МААЕ има донесено 11 резолуции за Иран за осум годиниФотографија: ISNA

Советот на гувернери на Меѓународната агенција за атомска енергија не посегна по своето најсилно средство. Резолуцијата околу контроверзните нуклеарни планови на Иран нема да отиде директно во Советот за безбедност во Њујорк, кој би можел да изгласа нови санкции против Техеран.

Наместо тоа, Советот на гувернери со недвосмислени зборови од Иран бара објаснување за укажувањата дека работи на тајна атомска програма. Со ваквата формулација се согласија и Русија и Кина. Токму согласноста на Москва и Пекинг, како што вели шефот на германската делегација во Советот на гувернери, Ридигер Лидекинг, покажува дека меѓународниот притисок врз Техеран се зголемува.

„Очекуваме Иран конечно да се откаже од противење и да соработува со МААЕ при расчистувањето на отворените прашања околу нуклеарната програма. Ако Иран нема што да крие, нема причина да се спротивставува на давање информации околу сознанијата содржани во извештајот.“

Iran IAEA Ultimatum Atomwaffen Aufklärung
32 од 35 држави во Советот на гувернери гласаа за резолуцијата, против беа Куба и Еквадор, а Индонезија беше воздржанаФотографија: dapd

32 од 35 држави во Советот на гувернери гласаа за резолуцијата. Против беа Куба и Еквадор, а Индонезија беше воздржана. Иран сега има рок до март наредната година за, како што се вели, „целосно да ја исполни својата меѓународна обврска“. Рокот не е конкретно врзан со закана за санкции, но тој покажува дека загриженоста околу иранската атомска програма, во меѓувреме, ја делат речиси сите држави во светот. Американскиот амбасадор Глин Дејвис, вели: „Мислам дека резолуцијата е чекор напред и и‘ дава на МААЕ легитимација за нејзината работа.“

Трпението истекува, време е политичкото раководство во Техеран да почне конструктивно да соработува со атомските власти, нагласува Дејвис. Иранскиот амбасадор во МААЕ, Али Асгар Солтание го отфрла извештајот на Меѓународната агенција за атомска енергија и резолуцијата и вели дека се политички мотивирани. Иран и во иднина ќе продолжи со својата атомска програма, вклучувајќи и облагородување ураниум.

Автор: Јерг Пас/ Елизабета Милошевска Фиданоска

Редактор: Александра Трајковска

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема