Тројката се сомнева во Атина
10 септември 2012Официјални информации нема, но од владини кругови продре информацијата која агенциите ја проследија ширум светот: „Тројката има забелешки на плановите за штедење на Атина“, пишува германската агенција дпад, а агенцијата дпа забележа „Многу отворени прашања за грчкиот пакет за штедење.“
Самарас вети: нема нови кратења
Претставниците на меѓународната тројка, ММФ, Европската централна банка и Европската унија вчера во Атина оддржаа средба со грчкиот министер за финансии Јанис Стурнарас. Од владини кругови се вели, пратениците на донаторите имале заддршки во однос на т.н. алтернативни предлози на социјалистите и демократската левица. Кон ова се вбројуваат на пример укинувањето на некои мерки за штедење со оглед на тоа што постои надеж за поголеми приходи во државната каса поради засилената борба против даночните затајувања.
Претставниците на меѓународната тројка меѓутоа сметале дека алтернативните предлози биле премногу неодредени, појаснил соработник на министерството за финансии. Пол Томсон од ММФ наспроти ова дипломатски подвлече: „Тоа беше добра средба“.
Причина за разликите би можело да биде тоа што коалиционите партнери, интерно и натаму спорат околу една заедничка линија за пакетот за штедење. Пред се’ двете левичарски коалициони партии стравуваат незадоволство меѓу нивните приврзаници, доколку на пример пензионерите, сиромашните и работниците го понесат главниот товар.
Премиерот Андонис Самарас се изјасни дека некои мерки биле „неправедни и многу строги“. Премиерот на своите сограѓани дури им вети дека ова ќе бидат последни кратења. Самарас вчера вечер се сретна и со првите луѓе во коалицијата, но и оваа средба не донесе пробив.
Според агенциските извештаи, меѓународните контролори процениле дека еден дел од приходите кои треба да се влеат во касите поради борбата против даночните затајувања не е сигурен. Грчките медиуми информираат и дека проблеми имало и со предлозите за намалување на државната администрација. Владин соработник во Атина информирал дека инспекторите од ЕУ, ЕЦБ и ММФ побарале дополнителни детали, за да одлучат за натамошната програма за помош. Доколку владата не ги испорачала дополнителните податоци, планот за штедење би бил одбиен.