1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Трошка (задоцнета) правда за ел-Масри

ФАЦ/ЗЦ/ Зоран Јордановски14 декември 2012

Осудата на Македонија за „случајот ел-Масри“: полесно е да се удри врз самарот отколку врз магарето, коментираат германските весници, укажувајќи на улогата на САД во случајот, без да се негира вината и на Македонија.

https://p.dw.com/p/172XD
Фотографија: AP

„Ова е задоцнета победа, можеби предоцна за Калед ел-Масри“, оценува „Зиддојче цајтунг“. „ Нему животот одамна му избега од контрола, трауматизиран од грабнувањето и тормозењето, фрустриран дека никој не беше повикан на одговорност за ударите и понижувањето што му ги нанесоа извршителите од ЦИА (тајна служба на САД, н.з.) во оние мрачни месеци во 2004 година. Добрата вест од Стразбур тој ја прими в затвор. (...) Пресудата испраќа недвосмислен сигнал: нема бесправен простор, дури ни во визбите во кои тајната служба врши мачења. Осудена беше Македонија како помошник, и за толерирање - непријатно за еден кандидат за ЕУ. Индиректно со тоа е донесена пресуда и за американската безбедносна политика, која по нападите од 2001 се откажа од секаква мера на правната држава. Пред американските судови Масри доживеа неуспех, оти ним мрачните тајни на државата им се чинеа повредни за заштита отколку правото на праведност на поединецот. Добро е дека ова е поинаку во Европа“, заклучува „Зиддојче цајтунг“.

„Келнер штат анцајгер“ исто така погледот го врти кон САД. „Пресудата на судиите од Стразбур уште еднаш го насочува вниманието кон екстремните кршења на човековите права од страна на САД во таканаречената антитерористичка борба по нападите од 11 септември. Повеќе стотици луѓе од целиот свет во времето потоа беа грабнати, испитувани, мачени а некои со години исчезнаа во тајните затвори на ЦИА.

Сумата на обесштетувањето веројатно е само мала утеха за ел-Масри. Тој е скршен човек, психички не го залечи времето на грабнувањето и мачењето и оттогаш повеќе пати дојде во конфликт со законот“.

„Франкфуртер алгемајне цајтунг“ (ФАЦ) се прашува:

„Колкумина како Масри има во светот? Колкумина беа грабнати од тајни служби и вегетираат во некоја визба , без да бидат изведени пред судија или повторно да се најдат на слобода? Германскиот Либанец (...) имаше среќа во несреќа. Тој се врати, го изнесе својот случај во јавноста (што често пати има поголема вредност отколку некоја судска постапка) и презема правни чекори. (...) Терористичката опасност не треба да се минимизира - таа бара соодветни одговори. Само, секој прекор, како и секоја државна интервенција мора (да можат да) бидат проверени од некое независно тело. (...) Од ова може секој да биде погоден - насекаде. Тоа не се однесува само на теророт, туку и на светската ’борба‘ против него“, нагласува ФАЦ.