1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Тропска бура беснее на Филипините

17 декември 2011

Големо невреме од поплави и лизгање на земјиштето ги зафати Филипините. Бројот од над 400 жртви се очекува да расте. Во спасувачките операции учествуваат околу 20.000 војници.

https://p.dw.com/p/13Ukc
Голем број евакуирани на ФилипинитеФотографија: AP

Во поплави и лизгање на земјиште предизвикани од тропска бура која го зафати филипинскиот остров Минданао, животот го загубија над 400 лица, а 400 се водат како исчезнати, соопштија денеска филипински официјални претставници.

Во пристанишниот град Кагајан де Оро, кој има околу половина милион жители, животот го загубија 107 лица, а 125 се водат како исчезнати, изјави советник во градската влада. Во соседен Илигано се пронајдени 79 тела, а 250 се исчезнати. Градоначалникот на Илигано, Лауренс Круз изјави дека ова е „најлошата поплава во историјата на градот“.

Philippinen Taifun
Тропската бура однесе човечки животиФотографија: AP

Во спасувачките операции учествуваат околу 20.000 војници и три хеликоптери. Војската со камиони, хеликоптери и бродови успеала да спаси околу 2.000 лица, кои биле загрозени од огромните поплави предизвикани од бурата. Неколку десетици илјади жители се евакуирани и се сместени во привремени засолништа.

Според податоци на Метеоролошката служба на Филипините бурата во меѓувреме се повлече во правец на запад кон соседниот остров Негрос, а во текот на ноќта се очекува да го погоди островот Палаван. Најголема регистрирана брзина била 75 километри на час.

Филипините секоја година се погодени од тајфуни, главно во северниот дел на државата.

Автор: АТ/ миа/ макфакс/ афп

Редактор: Ж. Ацеска