1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Тробојот на врвот продолжува

1 февруари 2010

Бајер Леверкузен, Бајерн Минхен и Шалке остварија победи во последното 20. коло во германската фудбалска Бундеслига. Притоа, тимот од Леверкузен ја задржа водечката позиција.

https://p.dw.com/p/LoO9
Тимот на Бајер Леверкузен се’ уште без пораз сезонаваФотографија: AP

Само пет минути му беа потребни на Бајер од Леверкузен да го реши во своја полза натпреварот против Фрајбруг. Меѓу 36. и 40. минута Кислинг, Дердијок и Хипија ги постигнаа трите гола во натпреварот против Фрајбург, кој заврши со конечни 3:1. Победата на домаќините никогаш не беше доведена во опасност:

„Ова денес беше обврзувачка задача. Ако се сака да се говори за местата на врвот на табелата тогаш мора да се победува во вакви натпревари. Ништо помалку и ништо повеќе“, изјави по мечот играчот од средниот ред на Бајер, Тони Крос.

Бајерн Минхен исто така го задржа второто место на табелата со убедлива победа во натправарот со Мајнц на домашен терен од 3:0.

Fußball Bundesliga - FC Bayern München gegen Mainz 05
Даниел Ван Бојтен (лево) беше стрелец на првиот гол за Бајерн МинхенФотографија: AP

Третата екипа на табелата, Шалке славеше на домашен терен против Хофенхајм со 2:0 и успеа да го одржи заостанувањето од три бода зад водечкиот Леверкузен. На тренерот Феликс Магат му е се‘ едно. Тој, наводно, не гледа кон врвот на табелата:

„Јас навистина секогаш гледам на местата шест и седум. Оттаму, мораме понатаму да работиме и да видиме ако можеме да ја зголемиме оваа предност што ја имаме во однос на шестопласираниот“, изјави Магат.

Вердер Бремен во се’ подлабока криза

На четвртото место во моментов се наоѓа Борусија од Дортмунд. Меѓутоа, тимот на тренерот Јирген Клоп, за првпат по серијата од 12 меча без пораз, убедливо загуби од Штутгарт со 4:1. „Швабите “, пак, со оваа победа ја продолжија нивната импресивна серија во продолжението од сезоната која треба да им го осигура прволигашкиот статус.

„Победата беше многу важна. Сега имаме три бода повеќе и се стабилизиравме на средината на табелата. Денеска можеме да бидеме многу задоволни“, изјави по мечот еден од стрелците на головите за Штутгарт, Здравко Кузмановиќ.

Fußball Bundesliga - Thomas Schaaf und Thomas Allofs
Тренерот Шааф и менаџерот Алофс засега без рецепт против кризата во ВердерФотографија: AP

Играчите од Дортмунд, од друга страна, беа разочарани бидејќи пропуштија можност да ја зголемат предноста на табелата пред петтопласираниот Хамбургер, кој во петокот на домашен терен едвај извлече нерешени 1:1 против шампионот Волфсбург кој се наоѓа во криза.

Во тешка криза се наоѓа и Вердер од Бремен кој го забележа петтиот пораз по ред. Екипата на тренерот Томас Шааф загуби нагости против Борусија Менхенгладбах со 4:3.

Херта ја губи трката со времето?

Чекор напред кон задржување на прволигашкиот статус во 20. коло направи Келн со победата нагости против Ајнтрахт од Франкфурт со 2:1. Втората победа по ред на гостински терен Келњаните ја постигнаа преку автогол на играчот на Франкфурт, Марко Рус, на шест минути пред крајот на натпреварот. Тренерот на Келн, Звонимир Солдо и покрај се’ смета дека неговиот тим заслужено победил: „Сметам дека ние повеќе инвестиравме и оти може да се каже дека заслужено среќно победивме“.

Fußball Bundesliga - Dieter Hecking
Тренерот на Нирнберг Дитер Хекинг беше успешен против неговиот поранешен клуб ХановерФотографија: AP

Екипата на Хановер, пак, го забележа и вториот пораз со новиот тренер Мирко Сломка и тоа во дуелот со Нирнберг, уште еден тим на кој му се заканува испаѓање. За тренерот на Нирнберг, Дитер Хекинг, кој на почетокот на сезоната се’ уште седеше на клупата на Хановер ова беше прва победа со неговиот нов тим. Хекинг по мечот призна дека победата против неговиот поранешен тим му предизвикува посебни чувства:

„Да, нормално. Би лажел ако не би го кажал тоа. Но, од друга страна, жал ми е за играчите на Хановер зашто тие направија многу во натпреварот и се разбира им посакувам да се извлечат од дното на табелата“.

Времето за извлекување од самото дно на табелата полека, но сигурно одминува за Херта од Берлин, која во саботата одигра само 0:0 на домашен терен против Бохум.

Автор: Андреас Цимонс / Симе Недевски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска