1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Три сценарија за Македонија и Грција на Германски Mаршалов Фонд

АМ/миа15 декември 2012

Фондацијата Германски Маршалов Фонд на САД објави анализа во која, меѓу другото, обработува три можни сценарија за развојот на состојбата во Грција, и за односите меѓу Македонија и Грција.

https://p.dw.com/p/1732q
Фотографија: DW/Aleksandar Metodijev

Анализата предвидува ситуација во која Грција ја напушта Европската унија и се соочува со бурен развој на настаните, потоа сценарио на напуштање на еврозоната, но останување во ЕУ, и трето сценарио во кое Грција успева да ја преброди кризата.

Автори на овој дел од анализата се Теодор Кулумбис, Танос Докос, Димитрис Кацикас и Димитрис Сотиропулос, и тие всушност ја преработуваат анализата на грчкиот центар ЕЛИАМЕП, на чие чело е Докос, објавена во февруари.

Конкретно за спорот меѓу Грција и Македонија, во првата можна разврска, која предвидува грчко напуштање на Европската унија, радикализација на состојбите во земјата и нејзино вртење кон Исток. И покрај тоа што ваквото сценарио би значело губење на правото на вето во ЕУ, грчките аналитичари сепак предвидуваат дека Грција би го заострила ставот во спорот кон Македонија.

Griechenland letzter Platz Korruptionsindex
Анализата е врз основа на претходна анализа на ЕЛИАМЕП, во која се бараше смена на власта во МакедонијаФотографија: AP

„Грција би можела да се врати на својата стара позиција и да престане да се согласува на решение на спорот за името кое би го содржело зборот Македонија, како и да прогласи дека секое решение би морало да биде прифатено и од грчките гласачи, на референдум. Како резултат на тоа, народите на двете земји ќе станат се‘ повеќе отуѓени и фрустрирани од однесувањето на другата страна, на сметка на европската интеграција на Западниот Балкан. Порано клучен актер во регионот, и во повеќето случаи извозник на сигурност, Грција во ова малку веројатно сценарио би се нашла маргинализирана и извор на нестабилност во Југоисточна Европа“, пишува во анализата.

Второто сценарио предвидува грчко напуштање на еврозоната, но сепак опстојување во ЕУ, но „условно и во изолација”. Во спорот за името Грција би можела да се почувствува обврзана да се повлече од Времената спогодба од 1995 година.

„И покрај притисокот од европските држави и од САД, ниту една од страните не би била подготвена да го направи потребниот следен чекор за да се постигне договор за заемно прифатливо име со одредница на Република Македонија. Грција би зачувала дел од нејзиното економско присуство и политичко влијание на Балканот, иако нејзината способност да делува стабилизирачки во регионалниот развој би била значително ограничена, поради нејзината политичка и економска слабост, изолацијата во ЕУ и билатералните проблеми со Република Македонија и Албанија“, пишуваат аналитичарите.

Во третото, за Грција оптимистично сценарио предвидено од Германскиот Маршалов Фонд на САД, земјата би добила доволна помош од Европската унија да излезе од кризата, да го задржи влијанието во ЕУ, како и да ги подобри односите со САД и со Кина. Ова, според анализата, би значело и прием на Македонија и Албанија во Европската унија.

Symbolbild Mazedonien Streit um Namen
Третото сценарио е најповолно за Македонија, се оценува во анализатаФотографија: picture-alliance/dpa

„Грчките инвестиции и политичко водство, по целосната нормализација на односите со Република Македонија и со Албанија, повторно ќе бидат важни стабилизирачки фактори во Југоисточна Европа. Атина би можела да даде голем придонес кон европските напори и политики за проширување на Западниот Балкан. Со приемот на овие земји во Унијата, активен југоисточно-европски блок би можел да се формира во ЕУ, за промовирање на заедничките интереси“, се оценува во анализата.

Во оригиналната анализа на ЕЛИАМЕП, која е искористена како основа за овој дел на анализата на Германскиот Маршалов Фонд, грчките експерти решението на спорот го гледаат само во, за Грција, најповолното сценарио, и тоа, пред се‘, преку смена на власта во Македонија и доаѓање на власт на, како што велат „умерените сили”.