1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Три германски тима во борба за нокаут фазата

Кале Копс/Б. Георгиевски20 ноември 2012

Трите германски клубови во Лигата на шампионите се борат за пласман во осминафиналето. Задачата е едноставна, но не и лесна. Потребни се три победи во дуелите против Валенсија, Ајакс и Олимпијакос.

https://p.dw.com/p/16mD9
Фотографија: dapd

Пред Бајерн Минхен е сериозен тест на гостувањето во Валенсија, во рамките на Групата Ф од Лигата на Шампионите. Победата обезбедува пласман во нокаут-фазата и прво место во групата што најверојатно ќе донесе и полесен противник. Во првиот меч во Минхен, Бајерн победи со 2:1. Дефанзивецот Хави Мартинез се радува на дуелот против своите сонародници.

„Се радувам на мечот. Очекувам офанзивна игра од Валенсија. Ќе бидат далеку подобри од првиот дуел во Минхен. Мораме да бидеме многу претпазливи“, вели Мартинез. Валенсија може да обезбеди натамошен пласман дури и со пораз, во случај Бате Борисов да загуби на домашен терен од францускиот Лил, во вториот меч од оваа група.

UEFA Champions League Borussia Dortmund gegen Ajax Amsterdam
Фотографија: REUTERS

Во Групата Д, Борусија Дортмунд ја има судбината во свои раце. За пласман во осминафиналето може да биде доволно и реми на гостувањето кај Ајакс, а со победа, многу реално станува и првото место во групата која, според многумина, беше најквалитетната во овој дел од натпреварувањето. Во првиот меч пред својата публика Борусија победи со 1:0.

„Тие покажаа и во првиот меч колку се силни. Нашата победа од 1:0 беше малку и среќна“, вели ѕвездата на Борусија, Марио Геце. Во стручниот штаб на Борусија се надеваат дека капитенот Себастијан Кел ќе биде подготвен за настап по повредата која ја заработи пред две недели. Под прашање е и настапот на Илкај Гундоган. Дербито во оваа група, чии натпревари се на програмата в среда, се игра во Манчестер каде англискиот првак Сити го пречекува Реал Мадрид.

Третиот германски претставник, Шалке на хартија има најлесна задача, затоа што во Гелзенкирхен доаѓа грчкиот првак Олимпијакос. Шалке забележа победа на првиот дуел во Атина од 2:1 и сега се очекува потврда на тој резултат и на домашен терен. Дотолку повеќе што трите бода ќе значат и сигурен пат во следната рунда и прво место во групата. Но, Шалке во последните неколку недели бележи пад на формата, што беше особено видливо во неделниот пораз од Бајер Леверкузен во Бундеслигата. Од мечот речиси сигурно отпаѓа Холанѓанецот Ибрахим Афелај кој има повреда на мускулот.

UEFA Champions League Schalke 04 gegen Olympiakos Piräus
Фотографија: REUTERS

Денеска на програмата се следните дуели:

Група Е: Јувентус - Челзи и Нордсјиланд - Шахтјор Доњецк.

Група Ф: БАТЕ Борисов - Лил и Валенсија - Бајерн Минхен.

Група Г: Спартак Москва - Барселона и Бенфика - Селтик.

Група Х: Галатасарај - Манчестер Јунајтед и Клуж - Брага.