1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Тридневна национална жалост во Венецуела

ЖА/дв/миа26 август 2012

Во експлозијата во рафинерија во Венецуела се зголеми бројот на жртвите - има најмалку 39 загинати и над 80 повредени. Претседателот на државата Хуго Чавес прогласи тридневна жалост.

https://p.dw.com/p/15wsj
Фотографија: dapd

Бројот на загинати во најголемата несреќа во историјата на венецуелската нафтена индустрија во рафинеријата Амуај достигна 39 лица, а повредени се најмалку 86 луѓе.

Седумнаесет од жртвите во несреќата во најголемата нафтена рафинерија во Венецуела се војници од Националната гарда, кои биле на позиција во близна на комплексот на брегот на Карипското Море, во северниот дел на земјата. Најмалку 86 лица се повредени во експлозијата, од кои деветмина се во тешка здравствена состојба. Останатите 77 луѓе се полесно повредени и испуштени од болница.

Претседателот Хуго Чавес прогласи тридневна жалост во чест на жртвите, меѓу кои и едно 10-годишно момче.

Venezuela Raffinerie Amuay Explosion +++ nur Artikelbild+++
Фотографија: dapd

„Ова е многу тажно, многу болно“, изјави Чавес и нареди темелна истрага за утврдување на причините за експлозијата.

„Експлозијата е причинета од истекување на гас. Има голема материјална штета на инфраструктура и домови покрај рафинеријата“, изјави претходно Рафаел Рамирес, министер за енергетика.

Несреќата се случила нешто по 1 часот наутро по локално време, а пожарот е веќе ставен под контрола.

Рафинеријата Амуај во која се произведуваат 645.000 барели дневно нафта е составен дел од Парагвана рафинеријата, еден од најголемите рафинериски комплекси во светот со вкупен капацитет од 955.000 барели дневно.

Венецуелскиот министер за енергетика Рамирес истакна дека државната нафтена компанија, која е оператор на рафинеријата, треба да биде подготвена да го врати производството на нафта за два дена.