1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Трета рунда во процесот против Мубарак

СН/ЕМФ/дпа/ртр11 мај 2013

Мамутскиот судски процес против поранешниот властодржец во Египет, Хосни Мубарак, денеска (11.05) стартуваше од самиот почеток, со нов судија.

https://p.dw.com/p/18W4x
Фотографија: picture-alliance/dpa

Новиот судски процес против поранешниот египетски претседател Хосни Мубарак се одвива под огромни мерки за безбедност во полициска академија во преградие на Каиро и е пренесуван во живо од страна на државната телевизија. Мубарак го следи процесот од инвалидска количка од местото за обвинети кое е заградено со решетки.

Првобитниот претседател на судскиот совет во процесот против Мубарак пред еден месец се повлече од функцијата само неколку минути пред почетокот на судењето. Процесот затоа мораше да биде одложен, што предизвика гнев и огорченост во судницата, но и протести во египетските градови.

Мубарак, кој пред две години беше соборен од власт во Египет, е обвинет за смртта на повеќе од 800 демонстранти за време на масовните протести против неговиот режим во 2011 година.

85-годишниот Мубарак минатата година, во првиот процес против него, веќе беше осуден на доживотна казна затвор за истите злосторства. Пресудата меѓутоа беше поништена од страна на Врховниот апелациски суд поради грешки во судската процедура.