1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Трепет пред налетот на орканот „Ксавер“

ЖА/дв/дпа/афп/миа5 декември 2013

Орканот „Ксавер“ во Шкотска без струја остави илјадници домаќинства, зеде и една жртва. Северниот дел на Германија, посебно градот Хамбург, стравува поради налетот на невремето. Луфтханза таму ги откажа сите летови.

https://p.dw.com/p/1ATSs
Фотографија: picture-alliance/dpa

Метеоролозите прогнозираат дека врз германското крајбрежје во Северно Море ќе удрат ветрови со бризина од 140 километри на час.

Запрени се фериботите, што опслужуваат некои од германските острови во Северно Море, а националниот железнички превозник „Дојче Бан“ предупреди дека е можно да се наруши движењето на возовите во делови од северна Германија. Германската авиокомпанија Луфтханза ги откажа сите летови во Хамбург денеска по 14 часот. Аеродромот Франкфурт засега не воведува откажувања, портпаролка изјави дека ќе ја следат ситуацијата и ќе реагираат ако е потребно.

Силните ветришта без струја оставија над 20 илјади домови во Шкотска, а го запреа и железничкиот сообраќај. Голем дел од северозападна Европа е зафатена од бура, која се очекува да донесе поплави долж крајбрежните реони и да го парализира сообраќајот.

Удари на ветрот од 183 километри на час беа измерени во северниот дел на Шкотска, каде многу патишта и мостови се затворени. Откажани се и голем број летови. Централната железничка станица во Глазгов е евакуирана откако се урна дел од стаклениот покрив, но, за среќа, во инцидентот никој не настрада. Британската агенција за животна средина соопшти дека ударните бранови може да предизвикаат значителни поплави долж крајбрежните реони. Браната на реката Темза е крената за Лондон да се сочува од поплава.

Холандија се подготвува за невремето, затворајќи ги водените брани, што земјата ја чуваат од поплави. Кралскиот холандски авиопревозник КЛМ откажа десетици летови за другите европски држави од безбедносни причини.

Германската метеоролошка служба соопшти дека фронтот на бурата, која се‘ уште собира сила, доаѓајќи од Гренланд преку Атлантскиот Океан, во Европа ќе донесе поларен воздух. Тоа значи дека на пониските места може да донесе и снег.