1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Тренинг за фризери како за врвни спортисти

Изабел Хајне / Елизабета М. Фиданоска25 јуни 2013

За да се стане светски првак во правење фризури треба да се тренира со години. Фризерите кои се дел од германскиот тим тренираат како врвни спортисти - наутро, навечер, за време на викенди...

https://p.dw.com/p/18qxQ
Фотографија: Scott Griessel/Fotolia.com

Фризерите кои се дел од германскиот национален тим секојдневно тренираат во Кобленц. Јулијан Вагнер, фризер од Зинциг, вели:

„Моја цел е, се разбира, да станам светски првак.“

За таа цел Јулијан Вагнер тренира од почетокот на годинава: „Се тренира секое утро, секоја вечер и на викендите. Понекогаш може да си дозволиш и нешто друго, но потоа... На викендот бевме излезени и сите продолжија со забава, а јас послушно си заминав рано и си легнав.“

Правење фризури како врвен спорт. Околу 30 мажи и жени се дел од германската репрезентација. Јоахим Волф е сојузен тренер на фризерите. Повеќе пати бил светски првак и знае што се бара на првенството:

„Предниот дел е многу убав, со овие нежни елементи. Токму тоа е она што ни е потребно, што ни носи поени кај судиите - нежноста, играта со структури.“

Preise im Friseursalon
Се бара милиметарска прецизностФотографија: picture-alliance/dpa

Тренерот смета дека 22-годишниот фризер Јулијан има шанса на Светското првенство. Пунџи со малку егзотика.

„Сакаме да покажеме што може да се направи со материјалот - коса. Сакаме да ја исцрпиме оваа тема - боја, форми, начин на потстрижување, височини и длабочини, сето тоа сакаме да го оформиме во скулптура за која ќе се рече - ова е висока уметност“, вели Волф.

Таквите фризури меѓутоа не се за секој ден, колку и да се убави. Јулијан Вагнер мора повторно да се обиде. Тренерот од него бара милиметарска прецизност.

„Еднаш ми рече - овде сакам четири или три влакна наместо пет. Малку се насмеав, а тој рече - не, сериозен сум. Навистина деталите одлучуваат. Токму тоа потоа и‘ дава леснотија на фризурата.“

Haarverlängerung
Фотографија: AP

Тој мора најмалку петпати дневно да ја расипе и повторно направи фризурата. За среќа, куклите се потрпеливи од луѓето.

„Таа не писка кога тегнам“, вели со насмевка Јулијан.

Тој инаку работи во фризерскиот салон на мајка му. Затоа и може да си дозволи да биде дел од репрезентацијата. Зашто, овде пари не добива никој. Затоа, пак, титулата светски првак потоа е исплатлива. Јулијан затоа тренира вредно и со големо темпо до Светското првенство во мај 2014 година во Франкфурт.