1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Треба ли Германија да излезе од еврозоната?

Жан Данхонг/Симе Недевски6 јули 2012

На Германците повеќе ништо не им е јасно. Плаќаат помош за државите во јужна Европа, а истовремено се се’ понеомилени во тие земји. Дали можеби решение е Германија да се откаже од еврото и повторно да ја воведе марката?

https://p.dw.com/p/15RcH
Фотографија: picture alliance/dpa

Манфред Нојман професор на Универзитетот во Бон претпазливо ја формулира мислата која досега важеше за табу. „Мораме да размислуваме во насока на тоа дека едноставно не се вклопуваме во еврозоната“.

Според Нојман, одлучувачка разлика на Германија во однос на останатите држави од еврозоната, е во степенот на нејзина индустријализација. И додека во Германија индустријата учествува во брутодомашниот производ со 20 насто, во Франција на пример тој процент е намален на 10 до 12 насто. Додека продуктивноста на германската индустрија постојано расте, индустријата на Италија поради растот на нејзините трошоци станува се‘ помалку конкурентна.

„Ако продолжиме вака на нашата валута постојано ќе и‘ расте вредноста, а другите валути ќе девалвираат“, вели Нојман.

Исто аргументираат и двајца врвни американски економисти - Клајд Престовиц и Џон Праут. Тие во еден заеднички текст пишуваат:„Еврозоната не е во проблеми поради должничката криза и економската слабост на државите на нејзиниот раб, туку поради извонредната конкурентност на германската економија“.

„Германците се пречка“

Symbolbild 100 DM Hundert Deutsche Mark
Фотографија: Fotolia/Eva Kahlmann

Тие сметаат дека тоа што досегашните мерки кои се преземаат не донесле резултати  во суштина е последица на погрешниот став дека остатокот на Европа, со тоа што ќе ги намали трошоците, ќе стане поконкурентно односно слично на Германија.

Слични ставови, според кои вредните Германци со солиден буџет се повеќе пречка во монетарната унија постојат веќе 20 години.

Во август 1993 година Европскиот монетарен систем (EWS), претходникот на монетарната унија, се наоѓаше пред голем проблем. Француската централна банка за многу краток временски период мораше да потроши речиси половина од девизните резерви за да го поддржи курсот на националната валута - франкот. 11-те држави членки на тогашниот систем имено се обврзаа да дозволат промена на курсот на своите валути во еден тесен распон.

Со оглед дека германската марка бргу стана референтна валута, останатите валути беа под постојан пазарен притисок за девалвација или пак, мораа да интервенираат централните банки . Набргу дојде до кризна средба на министрите за финансии и шефовите на централните банки:

„Тогаш Франција предложи Германија да истапи од Европскиот монетарен систем, на големо изненадување на шефовите на централните банки“, се присетува професорот Нојман. Ситуацијата ја спасил шефот на Холандската централна банка велејќи:

„Ако излезе Германија, ќе истапиме и ние. На тоа Белгиецот рече: ние исто така. Тогаш стана јасно дека би можело да дојде до поделба“.

Но толку далеку не се отиде. Наместо тоа седумкратно беа покачени границите до кои може да дојде со промена на односот на курсевите на сите валути, што беше рамно на прогласување банкрот, смета овој експерт.

Разумно решение

Eurokrise Kritik Dossierbild 3
Фотографија: picture-alliance/dpa

Јенс Ерхарт познат советник за инвестиции исто така верува дека еврото нема да преживее во сегашната форма. Тој за весникот Ханделсблат изјави дека единствено разумно решение е Германија да ја напушти еврозоната. Државите кои ќе го задржат еврото мораат радикално да ја намалат неговата вредност. На тој начин земјите од Медитеранот повторно би добиле шанса да станат конкурентни. Тоа истовремено би значело дека повторно воведената германска марка бргу би ја зголемила вредноста, појаснува Волфганг Франц, претседателот на советот не германски економски експерти кој се нарекува „Совет на мудреци“.

„Што тогаш ќе се случува видовме неодамна на примерот на швајцарскиот франк“, вели Франц.

Поради големиот раст на вредноста на франкот, огромни последици трпат туризмот и швајцарската индустрија. Централната банка на таа земја со интервенции односно купување девизи, го држи курсот на франкот на определено ниво. Тоа би ја чекало и Германија. Експертите како Престовиц и Праут сметаат дека тоа и не е толку страшно - падот на извозот на германската индустрија и привремениот раст на невработеноста за Германија би бил полесно поднослив отколку долгорочната финансиска помош за Грција.