1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Трајановски: Подземната сообраќајница е мојот сон

Костадин Делимитов 21 март 2013

Модерна подземна сообраќајница покрај Вардар, ски патека на Водно, крстосници на две нивоа. Со овие адути, градоначалникот на Скопје Трајановски очекува дека ќе се избори за втор мандат во првиот круг гласање на 24 март.

https://p.dw.com/p/1819X
Коце ТрајановскиФотографија: DW / Stojanovski

ДВ: Господине Трајановски, кој е мотивот да се кандидирате за втор мандат градоначалник на Скопје?

Трајановски: Во изминативе четири години од мојот мандат како градоначалник на Скопје работевме многу посветено, макотрпно, отчетно и реализиравме многу проекти. Сигурно дека тоа не е само моја заслуга, туку и на мојот тим, на соработката со општините, Владата на Република Македонија со кои во изминатиот период ги решивме двата клучни проблеми што граѓаните ги искажаа во предизборната кампања во 2009 година. А тоа е сообраќајниот хаос и комуналната хигиена. Токму на овие два проекта работевме најмногу и имаме најголеми резултати. Врз основа на сработеното сметам дека треба да ја побарам довербата за уште еден мандат и врз основа на проектите кои што веќе се започнати, треба да се завршат.

Што нудите ново за да го направите Скопје подобро место за живеење?

На овие избори настапувам со конкретна програма, конкретни проекти и конкретни рокови. Сметам дека се реални проекти што можат да се реализираат во наредниот четиригодишен мандат. Ќе продолжиме со решавањето на сообраќајниот хаос. Ако во претходниот мандат ги проширивме и реконструиравме улиците, веќе во следниот мандат имаме проекти кои ќе придонесат за растоварување на сообраќајот. Тоа се подземни сообраќајници и крстосници на две нивоа. Во мојата програма е предвидена изградбата на подземната сообраќајница од Владата до комплексот банки во должина од околу 1300 метри која многу ќе го растовари сообраќајот пред се’ во централното градско подрачје, како и подземна сообраќајница, односно спуштање на Јужниот булевар зад Рамстор. Од булеварот Кочо Рацин па се’ до булеварот Климент Охридски со две крстосници на две нивоа што во огромен дел ќе го растовари сообраќајот во Скопје. Исто така мораме многу внимание да обрнеме и на јавниот превоз, кој треба да биде квалитетен. Оттука благодарност и до Владата за набавката на 316 нови автобуси за потребите на ЈСП со што граѓаните добија квалитетен, комфорен и сигурен превоз. Наша цел е што повеќе граѓаните да не ги користат своите автомобили и да го користат јавниот превоз. Во наредниот период ќе посветиме уште поголемо внимание и на велосипедскиот превоз. Нашата цел е да обезбедиме и повеќе велосипедски патеки, кои во дел се блокирани од паркирани автомобили. Затоа со изградбата на катните гаражи и системот на паркирање сакаме да ги тргнеме автомобилите од тротоарите за да ослободиме простор за велосипедите.

Дали со проширувањето на сообраќајниците не беше подобро паралелно да се инвестира и во изградба на трамвај, како ефикасно средство за јавен превоз?

Една од формите на јавен ефикасен превоз е трамвајот и затоа ние тргнавме многу студиозно. Избравме консултантска англиско-унгарска компанија која направи студија за воведување на трамвај по принципот на јавно приватно партнерство. Студијата покажа дека тоа е доста проблематичен проект од аспект на малиот број на патници кои што треба да се превезуваат, а од друга страна станува збор и за голема инвестиција која е потребна за реализација од околу 180 милиони евра. Ако притоа се земе во предвид дека ќе бидат потребни кредити, тогаш сумата ќе се зголеми најмалку двојно. Бројот на патници не е доволен за да се врати инвестицијата. Станува збор за околу 50 илјади патници кои дневно би го користеле трамвајот, така што сите пресметки покажаа дека ќе бидат потребни дополнителни субвенции на јавниот приватен партнер за да биде исплатлив проектот. Потпишавме меморандум со Владата која ќе инвестира 16 милиони евра и 50% од градот Скопје во фазата на изградба. Ние веќе распишавме тендер кој е во тек, комуницираме со компаниите кои што се’ уште сметаат дека субвенцијата е недоволна. Чекаме да заврши тендерот и во зависност од резултатите ќе можеме да се прилагодиме дополнително на пазарот на понуда за овој проект.

Skopje 2014 Theater
Фотографија: DW

Ветувате подземна сообраќајница, Луна парк, ски центар на Водно. Има ли градот доволно финансиски ресурси за нивна реализација, или пак ќе бидат потребни средства од дополнителни извори?

Подземната сообраќајница е мојот сон. Тоа е најголемиот проект што ќе биде реализиран после земјотресот од 1963. Според проектот на шпанската компанија „Идон“ треба да чини околу 40 до 45 милиони евра. Планираните крстосници и кружни текови на две нивоа ја подигнаа првичната цена од околу 35 милиони евра. Со оглед дека станува збор за големи пари за градот Скопје, со Владата потпишавме меморандум со кој две третини од проектот ќе ги финансираа Владата, а останатиот дел градот Скопје. Со оглед дека капиталните инвестиции се’ уште се под Владата на РМ и не се децентрализирани, јас би искажал голема благодарност до Владата и лично до Премиерот за поддршката на проектите кои што се од клучно значење на Скопје. Луна паркот и ски центарот ќе се реализираат по принципот на јавно приватно партнерство. За двата проекта имаме изготвено студии. За Луна паркот очекуваме наскоро да најдеме партнер, додека за ски патеката тендерот е во тек. Голема предност е што имаме жичница, а станува збор за сличен проект како во Загреб со разлика што кај нас патеката е на северна страна.

Водите агресивна кампања која сигурно чини доста. Дали таквата кампања Ви е вистина потребна?

Кампањата практично треба да покаже кој колку сработил и што ќе работи. Граѓаните имаат право да знаат што е сработено за да не може некој да ги лаже дека сработил не знам што и што. Ние мораме да ги потсетиме граѓаните за она што сме го направиле. Секој сака да го каже она што го сработил, а и граѓаните сакаат да видат каде се потрошени нивните пари. Исто така е важно пред граѓаните да кажеш што ќе работиш и тоа добро да го документираш, затоа што тоа е обврска за оние кои што ја бараат довербата. Напишаното, доставеното до секој дом до секој граѓанин значи пред се’ обврска, тоа што ќе го ветиш во следниот четиригодишен мандат да го завршиш. Мислам дека е сосема нормално и добро да се работи транспарентно.

Повикавте битката за Скопје да се реши во првиот изборен круг?

Секој сака победа во првиот круг, посебно јас сакам победа во првиот круг со оглед на досега сработеното. Ако во 2009 година одев со кредитот што го имав како градоначалник на Гази Баба и добив околу 112 илјади гласови, или десетина илјади помалку за победа во првиот круг, сега кога зад мене имам многу направени проекти и соработка со граѓаните, сметам дека имам големи шанси за победа во првиот круг. Тоа и го посакувам затоа што нема потреба да губиме дополнително време заради реализацијата на проектите што се во тек.