1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Трансплантација: од табу тема до легален процес

3 април 2011

Македонскиот парламент донесува закон што ќе овозможи трансплантација на органи од починати донатори. Граѓаните имаат различни мислења, лекарите се уверени дека ќе заживее овој вид на трансплантација.

https://p.dw.com/p/10lIG
Трансплантација на органи
Трансплантација на органиФотографија: AP

Донирањето органи од починат пациент од табу тема е на пат да стане легален процес во Македонија. Во собраниска процедура е законот за транплантација што треба да го овозможи донирањето. Еден од промоторите на новиот закон е д-р Владимир Чадиковски, хирург на Детска хирургија.

Со цел да се подигне свеста за донирање органи, понесени од фактот дека степенот на развиеност на едно општество зависи од степенот на донирањето органи во 2008 година ја формиравме Националната Фондација за Трансплантација, објаснува Чадиковски за Дојче веле. „Досега во Македонија се прават трансплантации од живи донори од сродни дарители, верувам дека со новиот закон ќе заживее трансплантацијата, бидејќи верувам дека овој народ е хуман“.

Трансплантација на органи
Трансплантација на органиФотографија: AP

Со новиот закон секој граѓанин кој нема да сака по својата смрт да донира органи, ќе треба да пополни формулар кај својот матичен лекар. Сите останати ќе бидат потенцијални донатори, за кои по смртта ќе одлучува семејството.Граѓаните се поделени во мислењата.

Позитивни примери

Новинарот Борјан Јовановски е позитивен пример кога станува збор за донирање. Семејство дозволило да бидат донирани органи на неговата мајка, која починала во странство. „Битно беше одлуката да се донесе веднаш, нема време за чекање, така бевме известени дека треба да кажеме или да, или не, веднаш. Јас и сестра ми во тие моменти, ако добро паметам, не се ни колебавме, бидејќи ми се чинеше дека мајка ми некако, на некој начин, или дел од неа ќе продолжи некаде да живее“, објаснува Јовановски.

Донација на органи
Донација на органиФотографија: dpa Zentralbild

Сега во Македонија се врши трансплантација само од живи донатори и тоа на бубрег и на коскена срцевина. Македонското здравство засега не познава трансплантации на срце, црн дроб, слезина, бели дробови. Во изминатите 4 години 13 пациенти спас побарале во странство. За тоа државата потрошила околу 2 милиона евра.

„Ние имавме добри аргументи за да ја убедиме владата дека со воведување на трансплантација не значи трошоци за здравството, туку напротив, значи ефикасен систем. Во законот стои дека ќе се создаде национална програма за трансплантација во која што ќе се обезбедат средствата“, вели надлежниот министер, Бујар Османи.

Во законот е прецизирано како треба да изгледа кадаверична трансплантација, организацијата на донирање, и можните санкции. Законот доби зелено светло и од Европската унија.

Автор: Горан Петрески

Редактор: Александра Трајковска