1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Трамп: „Моето нуклеарно копче е поголемо“

ЖА / агенции
3 јануари 2018

Американскиот претседател, откако севернокорејскиот лидер Ким Јонг Ун им се закани на САД со атомското копче, изјави дека неговото е поголемо и помоќно.

https://p.dw.com/p/2qG5S
Mar-a-Lago Donald Trump
Фотографија: picture-alliance/AP/A. Brandon

Американскиот претседател повторно ја заостри реториката кон севернокорејскиот властодржец Ким Јонг Ун. Откако Ким во новогодишниот говор со зборовите  „атомското копче ми е постојано на дофат на раката на мојата работна маса“,  упати закани до САД, Доналд Трамп на Твитер напиша: „Ве молам, дали некој од неговиот осиромашен и изгладнет режим ќе го информира дека и јас имам атомско копче, но многу поголемо и помоќно од неговото, а освен тоа, моето функционира!“

Во новогодишниот говор Ким Јинг Ун го повтори тврдењето според кое целокупната територија на САД е во акционен радиус на севернокорејското атомско оружје, што како што истакна, „не е празна закана, туку реалност“.

Повеќе на темата: 

Северна Кореја смета на војна против САД

Трамп треба да преговара со Ким

Американската амбасадорка во ОН Ники Хејли, кратко пред твитот на Трамп, ја предупреди Северна Кореја да не врши натамошни ракетни тестови, со оглед што курсираат извештаи за наредна планирана ракетна проба. „Се надевам дека тоа нема да се случи. Но, доколку сепак дојде до тоа, ќе мораме да преземеме уште построги санкции против севернокорејскиот режим. САД никогаш нема да ја прифатат Северна Кореја како атомска сила“, изјави Хејли во Њујорк.

По најновиот севернокорејски тест на интерконтинентална ракета на крајот на ноември, Советот за безбедност на ОН кратко пред Божик ги заостри санкциите против Пјонгјанг, во нив се предвидува натамошно ограничување во лиферувањето на нафтени деривати во Северна Кореја.

Ким Јонг Ун во новогодишниот говор, освен заканите на адреса на САД, упати и помирливи тонови и на Јужна Кореја ѝ понуди дијалог за деескалација на тензиите на Корејскиот Полуостров. Сеул реагираше со прифаќање на понудата и предлог првата средба на претставниците на двете страни да се одржи веќе на 9. јануари.