1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Трагичен крај на човекот кој го постигна голот на столетието

СМА/сид/дпа/Ивана Петрушевска17 ноември 2012

Алекс Алвеш ќе остане запаметен како еден од најекстравагантните фудбалери во историјата на Бундеслигата. Бразилецот настапуваше за берлинска Херта, беше љубител на белите крзнени капути и генијален спортист.

https://p.dw.com/p/16kyK
Фотографија: Getty Images

Иако поминаа неколку години, од кога го соблече дресот на “старата дама” Херта, берлинските весници ова утро на своите насловни страни повторно објавија фотографии од неговите најдобри денови. Насмеан, пламнат, со шатирани прамени во косата и насмевка до ушите.

„Почивај во мир, Алекс.“ Со оваа порака , Берлин се збогува од ексцентричниот голгетер кој со години беше тема број еден во клубот и меѓу навивачите.

Алвеш почина во средата на 14-ти ноември, на 37-годишна возраст како последица на ретка болест на коскената срж, тврдат бразилските лекари. Не станува збор за леукемија, како што известиле голем број од медиумите. На 19-ти септември оваа година, тој е префрлен во болницата Амарал Карваљо во градчето Јау (сојузна држава Сао Пауло), со дијагноза “Хемоглобин Пароксистик Нотурн “(ХПН).

Долги осум месеци, бразилскиот спортист ја чекал операцијата, која била финансирана од здравствениот систем на неговата земја. Во осуммесечниот период, Алвеш одел на хемотерапија, која не помогнала. Неговиот брат донирал коскена срж и на 7-ми октомври му била извршена трансплантација.

Alex Alves
Фотографија: Bongarts/Getty Images

Се поставува прашање зошто операцијата се случила доцна, можеби и предоцна. Станува збор за прилично скап зафат, а Алвеш живеел со финансиски тешкотии. Пријателите и познаниците му помогнале со последни сили. Четири години се борел со тешката болест и на крајот, беспомошно, ја загубил најважната битка во животот.

52 метри !

Ретко се појавувал во јавноста во последната година од својот живот. По завршувањето на ангажманот во Берлин, во 2003-та година, талентираниот фудбалер полека тонел во заборав. Како и да е, Германија никогаш нема да го заборави. Засекогаш ќе остане запаметен како фудбалер кој го постигнал голот на столетието во Бундеслигата. Во септември, 2000-та, ја затресе мрежата на ФК Келн со удар од центарот на оддалеченост од 52 метри !

„Голот против Келн е најубавиот погодок во мојот живот. Се радувам што го постигнав во дресот на Херта”, призна Алвеш во тогашните изјави. За Берлин одигра вкупно 81 натпревар на кој постигна 25 голови.

„Шокирани сме. Се надевавме дека неговата состојба ќе се подобри по операцијата и ќе ја преброди тешката ситуација”, вели во изјавите менаџерот на Херта, Михаел Прец,откако ја дозна трагичната вест за својот поранешен колега.

Од Херта, Алвеш се пресели во бразилскиот клуб Бело Хоризонте, за рекордна оштета од 7,5 милиони евра. Во берлинските таблоиди не беше познат само по фудбалските мајстории, туку и по бројните испади. Од архивата, одбравме дел од епизодите.

Neuzugang Alves bei Hertha BSC
Фотографија: picture-alliance / dpa

Алвеш своеволно го откажал присуството на тренингот на својот клуб, затоа што рампата во гаражата не се кренала на време и не можел да го напушти паркингот, неколку пати има останато без возачката дозвола, поради недисциплина во Херта има платено рекордна клупска казна од 130 илјади евра, на Божиќната прослава во 2002-та, се појави во бел крзнен капут ......

Предоцна

Пред неколку месеци ФК Херта Берлин покрена нова хуманитарна акција („Хертанците му помагаат на Алекс”) со цел да собере доволно пари за операцијата во Бразил. Во план била и аукциска продажба на оргиналниот медал со кој телевизиската куќа АРД го награди Алекс за фантастичниот гол против Келн. Бразилецот, во типично негов стил, го заборавил медалот во Берлин. Акцијата требаше да трае до 22 ноември.

Предоцна за Алекс Алвеш ...