1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Траби-сафари“ низ Берлин

27 март 2009

Една од туристичките атракции на Берлин е тура со трабант. Не е шега! Народниот автомобил на поранешната Германска Демократска Република полека, но сигурно исчезнува од улиците на обединета Германија.

https://p.dw.com/p/HKgS
Трабант 601 забележан на улиците во ЛајпцигФотографија: picture-alliance/ ZB

Малиот автомобил со двотактен мотор, Германците од истокот си го викаа „траби“. По паѓањето на Берлинскиот ѕид во 1989 година, тој стана симбол на повторното обединување на Германија. На денот на отворањето на граничните премини во Берлин, имено, од источниот дел на поделената земја кон западниот се слеа река луѓе - во трабанти.

Источните Германци му дадоа и други нагалени имиња. Освен „траби“, тие го крстија и „картонска кутија за тркање“. До распадот на Источна Германија беа произведени преку три милиона трабанти. Од сите нив денес по германските улици се движат уште најмногу педесет илјади. Ниту еден од нив законски нема право да се движи во центарот на Берлин, бидејќи таму, како и во другите поголеми германски градови, постои т.н. еколошка зона. Во неа можат да се движат само возила, чии издувни гасови се под пропишаната законска граница. Овде веќе нема место за стари автомобили со непрочистени издувни гасови, како што е и трабантот.

Од перспектива на Источните Германци

Datsche in Ostdeutschland mit Trabant
Типична слика од Источна ГерманијаФотографија: lpb

Од овие причини, малите трабанти на една туристичка агенција во центарот на Берлин се вистинска туристичка атракција. Претпријатието „Траби - сафари“ издејствува посебна дозвола од градските власти за користење на трабантите и во центарот на Берлин. Фирмата нуди тури по историскиот центар на градот од источната и западната страна на поранешниот ѕид што ја делеше државата. На тој начин се обидува да им посредува на гостите од земјата и од странство да добијат поглед врз метрополата со очите на поранешните Источни Германци.

Моторот на трабантот крева навистина голема врева. Издувните гасови што излегуваат од него имаат сина боја и тежок мирис. Ако тропнете на каросеријата, тогаш ќе ви стане јасно дека таа не е од метал. Што е тоа, каков е тој материјал? „Надворешната каросерија е од дуропласт. Немојте да се збуните поради името, не станува збор за пластика, туку за памук од Русија. Тој се полева со катран од фенол, потоа се става под преса и се пече. Така се создава лесниот и флексибилен материјал, што наликува на полиестер“ - објаснува Франк од тимот на туристичката агенција „Траби - сафари“.

Управувањето на трабантот е приказна за себе

Тој веднаш ги води туристите до еден од трабантите, а таму важни упатства им дава Кристина:

Trabant, Sachsen, Parade Fotoreportage Russisch Trabant, Auto, DDR, Ostdeutschland, Verkehr, Trabi. Photo: Maksim Nelioubin
Управувањето на Трабант бара посебна умешностФотографија: M.Nelioubin

„Многу е важно да ги пробате кочниците веднаш на почетокот. Тие немаат современи системи за засилување на притисокот, како сите модерни автомобили. Ова е многу старомоден модел и морате малку да се навикнете преку испробување...“ И веднаш додава: „Не, немојте веднаш да тргнувате!“

Таа мора уште да им го објасни менувачот на брзини, којшто е монтиран на воланот и претставува посебно комплицирана приказна.

„Типична грешка е да се обидете да тргнете со трета брзина. Ако забележите дека автомобилот на влече како што треба, тоа значи дека сте во трета брзина. Тоа тешко се разликува со голо око“, објаснува Кристина.

Од класична тура до спортска трка

Trabant P 60 Ausstellung Ostmobile
Денес почесто се сретнува во музеите, отколку на улицаФотографија: AP

Туристите во главниот град и љубителите на ова возило можат да се одлучат за разни тури. Има класични туристички тури низ источен и западен Берлин. Но, ако некој доаѓа со колеги од работа во туристичка обиколка на главниот град, тогаш може да нарача и вистинско рели.

„Можно е да возите слалом меѓу вакви знаци на коловозот - и тоа на време. На крајот на возењето треба да се закочи и како најдобар се смета оној, кој ќе запре најблиску до поставената граница“ - појаснува понатаму Франк.

Бригите и Јоахим се решија за нормална туристичка тура со трабантот. Впрочем, самото возењето трабант е голем предизвик, за тркање немаат нерви. И едниот и другиот доаѓаат од западниот дел на Германија и немаат никакви искуства со возење на „источно-германскиот фолксваген“, како што уште се нарекува трабантот. За почеток, воланот го презема Бригите. Таа за Божиќ добила подарок од најблиските - тура со трабант по Берлин. Затоа има право прва да го проба чудното возило. Нејзиниот сопруг Јоахим седнува на местото на совозач и почнува да дели совети: „Дај уште гас, гас... инаку ќе ти се изгаси...“

Низ знаменитостите на Берлин

Трабантот како да ја прифаќа сугестијата и навистина тргнува. Бригите и Јоахим не се препуштени на случајот и на самите себе. Пред нив, исто во трабант, вози Кристина од тимот на „Трабант сафари“ и по пат со воки-токи им раскажува за се’ што е вредно да се види по пат. „Сега на десната страна ја гледаме новата амбасада на САД. Таа беше свечено отворена минатиот јули. Амбасадата фактички се врати на поранешното место, покрај Бранденбуршката порта. Таа беше тука и пред Втората светска војна“, објаснува неуморно Кристина.

Brandenburger Tor
Бранденбуршката порта - задолжителна за секоја посета на БерлинФотографија: dpa Zentralbild

Симболот на обединувањето, Бранденбуршката порта, зданието на парламентот и другите државни институции по течението на реката Шпре и новата железничка станица на Берлин... Бригите, која се’ уште се мачи со трабантот, не може да види многу од туристичките атракции на главниот град.

„Автомобилов не соработува со возачот, денес тоа е поинаку. Кога ја менувате, на пример, лентата на булеварот и потоа возите повторно право, тогаш трепкачот сам се исклучува - кај модерните возила. Кај трабантот тоа не се случува, туку трепка и понатаму и ги збунува другите учесници во сообраќајот“, се жали Бригите.

Затоа со олеснување му го препушта воланот на Јоахим. „Овде ќе направиме куса пауза за да се сменат возачите“, објаснува Кристина преку безжичната врска.

Возачка дозвола за трабант

Целата тура низ Берлин трае час и половина. А потоа Бригите и Јоахим добиваат посебно признание: „Ова е посебна возачка дозвола за трабант. Неа ја добива секој, кој успешно ја минал турата“, се шегува Франк од тимот на „Трабант сафари“.

Цената за ова задоволство изнесува 40 евра. А уште колку долго туристите од земјата и од странство ќе можат да си го приуштат, тоа никој не знае. Берлин од пред една година има еколошка зона во центарот и малите загадувачи на воздухот овде принципелно немаат пристап. Благодарение на специјалната дозвола што ја издејствуваа сопствениците на агенцијата „Трабант сафари“, малото пластично возило од времето на Источна Германија се’ уште може да се тркала по улиците. „Берлин, односно градските власти одлично заработуваат на нас, бидејќи сме туристичка атракција и затоа ќе можеме овде да ги користиме трабантите и во иднина. Уште колку години, тоа не го знае никој, но се надевам уште пет - шест или дури можеби уште десет години“, додава Франк.

Автор:Филип Бергер/Горан Чутаноски

Уредник: Трајче Тосев