Тоне слободата на печатот во Македонија
1 мај 2012Во регионот на централна и источна Европа најзначителен пад во слободата на печатот е забележан во Македонија, Украина и во Унгарија, се наведува во денеска објавениот извештај на познатата светска организација за заштита на слободната мисла. Македонија останува во групата земји со делумно слободен печат, но во светски рамки падна на 115. место од вкупно 197 држави. Пред Македонија се сите земји од регионот, вклучително и Косово, но и голем број американски, африкански и азиски држави како Бангладеш, Хаити, Сиера Леоне...
„Во Македонија бодувањето се искачи од 48 на 54 поени како резултат на падот во правната сигурност, како и политизираните одлуки на регулаторните тела и долгиот притвор за сопственикот на водечкиот про-опозициски медиум во политички мотивираниот случај на даночно затајување. Како последица на тој случај, најгледаната телевизија во земјата и уште три весници беа затворени во 2011. година“, наведуваат од Фридом Хаус.
Бодувањето на Фридом Хаус ги бележи негативните трендови во одредена земја, па така, земјите кои имаат најмалку поени, всушност имаат и подобра медиумска клима. Македонија сега ја делат само 6 негативни поени од границата од 60 поени која ги одвојува делумно слободните од неслободните земји во кои, на европско ниво, се претежно поранешните советски републики, а на светско земји како Северна Кореја и Куба.
За разлика од состојбата во Македонија, од Фридом Хаус заклучуваат дека на светско ниво, за првпат по осум години, слободата на медиумите не забележала опаѓање.
Со падот или реформирањето на авторитарните режими во земји како Мијанмар, Египет, Либија и Тунис, слободата на печатот освои нови, макар и несигурни, територии, се вели во годишниот извештај.
Првите три места на листата и натаму ги делат скандинавските земји Норвешка, Шведска и Финска.