1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Тоа не е фудбал, тоа е војна“

2 февруари 2012

Најмалку 74 загинати и стотици повредени - тоа е хорор биланс на безредијата кои избувнаа по фудбалски меч во египетскиот град Порт Саид. Дали за насилството се одговорни приврзеници на екс-претседателот Хосни Мубарак?

https://p.dw.com/p/13vHH
Фотографија: dapd

Кусо по завршувањето на првенствениот натпревар меѓу домашната екипа Ал Масри и Ал Ахли од Каиро што се одигра во североисточниот египетски град Порт Саид, навивачите на домашниот клуб упаднаа на теренот и започнаа да ги гонат играчите на гостинската екипа. Летаа шишиња, камења и петарди, а играчите на двете екипи побегнаа кон соблекувалните. Посетителите на стадионот во паника бегаа кон излезите, многумина беа повредени или загинаа паѓајќи од трибините.

Ова е најголема несреќа во историјата на егитепскиот фудбал изјави претставник на министерството за здравство. Според официјалните информации, во безредијата загинале најмалку 74 лица, а речиси 250 се повредени. „Тоа немаше никаква врска со фудбал. Тоа е војна и луѓе гинеа пред нашите нозе“, изјави еден играч на Ал Ахли, најуспешниот клуб во Египет. Меѓу повредените се и фудбалери на двата клуба, а меѓу загинатите има и полицајци.

Ägypten Fußballspiel Ausschreitungen
Фотографија: picture alliance/landov

Блатер: Црн ден за фудбалот

Откако беше објавена информација за немирите во Порт Саид, Фудбалскиот сојуз на Египет веднаш ги прекина и ги одложи на неопределено време сите други првенствени натпревари. По прекинувањето на натпреварот во Каиро меѓу Ал Исмаили и Замалек, навивачите на Замалек во знак на протест запалија дел од стадионот во Каиро. Претседателот на Светската фудбалска федерација - ФИФА, Сеп Блатер, истакна дека ова е црн ден за фудбалот. „Една таква катастрофална ситуација е незамислива и не смееше да се случи“, рече Блатер. Египетскиот парламент за денеска закажа вонредна седница за случувањата во Порт Саид.

Ägypten Fußballspiel Ausschreitungen
Фотографија: picture alliance/landov

Пораст на насилството на стадионите

Од избувнувањето на револтот во арапските земји пред повеќе од една година, насилството на фудбалските стадиони во регионот значително порасна. Политичари на Муслиманското братство, партијата која победи на парламентарните избори во Египет, за безредијата во Порт Саид ги обвини приврзениците на поранешниот претседател Хосни Мубарак кој беше соборен од власт минатата година. „Главата на режимот е падната, но неговите луѓе се уште на нивните позиции“, изјави еден локален политичар, мислејќи притоа на воената власт која се’ уште го има главниот збор во Египет.

Автор : Ханс Михаел Ехл/ Симе Недевски/ дпа/ртр

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска