1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Тешко е да си невработен во Македонија

Костадин Делимитов24 февруари 2013

Невработеноста во Македонија во изминатава половина деценија драстично се намали, но се` уште е на загрижувачко високо ниво. Проблемот е најизразен кај младите.

https://p.dw.com/p/17kqD
Фотографија: picture-alliance/dpa

Статистиката покажува дека од 2006 година наваму бројот на евидентирани лица што бараат работа е намален од 37,3% на 30,6%. Намалувањето од безмалку 20% е значајно од повеќе аспекти и е главно резултат на повеќето системски реформи. Сепак,  гледано во целина состојбата е далеку од розова ако се земе предвид дека според овој параметар земјата и натаму е на дното во Европа.

Правилата мора да се почитуваат

Steinbrücke in Skopje, Mazedonien.
Фотографија: DW

Проблемот е најизразен кај младата популација која опфаќа дури половина од вкупната бројка невработени. Агенцијата за вработување статистички покажува постојан тренд на намалување на својата евиденција, што според инволвираните во добар дел се должи и на строгите правила за пријавување.  Искуството на 25 годишната Александра, магистер по менаџмент која веќе подолг период бара работа соодветна на своето образование покажува дека невработените можат многу лесно да бидат симнати од евиденција доколку не ги почитуваат правилата:

„Веќе неколку години сум под завод и не сум добила ниту една понуда за вработување. Еднаш буквално за влакно ќе бев симната од евиденција, бидејќи за ден два задоцнив со пријавувањето кое е задолжително на секои два месеца. Благодарение на мојата упорност но и на слухот на тамошните служби сепак се спасив од казната од една година симнување од евиденција. За разлика од мене мојот другар, кој подолго од два месеца не се пријави со потребното картонче, ги загуби привилегиите и заработи казна од една година“, вели Александра.

Најмногу нови вработувања во администрацијата

Во услови на статистичко намалување на невработеноста според експертите реално е да се очекува зголемување на бројката вработени, а само по себе и на економскиот раст. Бројките сепак покажуваат обратен тренд што според дел од нив е чудно, иако не и непознато ако се споредат искуствата со некои од европските земји. Ваквиот тренд според универзитетскиот професор Кире Наумов резултира со евидентното намалување на продуктивноста што е погубно за економијата која губи на конкурентност:

„Невработеноста во Македонија во услови на минимален раст кај нас се намалува врз основа на три работи. Заострување на инспекциските служби и на условите за пријавување на невработени. Значи еден дел од оние што работеле на црно се пријавени како вработени, но голем дел се избришани од евиденција. Исто така и со отворањето на голем број универзитети во внатрешноста. Голем дел од невработените во изминативе седум години се вработени и во државната администрација. Никој не ја знае таа бројка но евидентно е дека се работи за неколку илјади. Паралелно со обврските за таканаречените рамковни вработувања, власта вработува свои кадри со што ја намалува невработеноста“, коментира Наумов.

Полесно до работа преку приватните агенции?

Освен недоволната ажурност на службите во заводот, проблемот според младите што ги анкетираше Дојче веле е и кај дел од самите невработени кои наместо да инвестираат во своја дообразба или обука, времето го губат со седење дома чекајќи повик за работа. Добар дел од невработените, кои изгубиле надеж во државната агенција, својата шанса ја гледаат во приватните агенции за вработување кои според досегашните искуства се покажуваат како поактивни. Статистиката покажува дека преку нив полесно се доаѓа до работа, што сепак има и цена која во зависност од агенцијата се движи до околу седум проценти провизија од месечната плата на секој вработен. Вработувањето е високо на агендата на владините економски политики која преку оперативни планови и поддршка за самовработување се обидува да се справи со овој проблем.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема