1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Тешки преговори околу простување на долговите на Грција

6 јануари 2012

Преговорите на грчката влада и доверителите околу замена на обврзниците плус простување на дел од долговите врз доброволна основа се покажаа како тешки. Спорни пред се‘ се рокот на доспевање и каматите на обврзниците.

https://p.dw.com/p/13fJF
Фотографија: BilderBox

Едни играат на време, други бараат итен договор. Во вторникот (03.01) Меѓународниот монетарен фонд беше скептичен околу договореното откажување од половина од побарувањата и бараше поголемо простување на долговите на Грција. Портпаролот на грчката влада Пантелис Капсис, наспроти тоа, во исто време, во Атина изјави дека наскоро ќе има договор.

На кризниот самит во октомври, евро-земјите донесоа заклучок банките и осигурувањата да се откажат од половина од своите побарувања од Грција и нивните стари обврзници да ги заменат со нови, кои ќе имаат подолг рок на доспевање и нова каматна стапка. Тоа, меѓутоа, би требало да се направи врз доброволна основа, за делумното простување на долгот да не предизвика исплаќање на осигурувања во случај на неможност на исплата на кредитите. Такво нешто, при евентуален банкрот на Грција би предизвикало верижна реакција во еврозоната.

Спорни се три работи

Оттогаш се водат тешки преговори меѓу грчката влада и нејзините доверители. Преговорите се на добар пат, но има се‘ уште отворени прашања, оценува грчкиот економски експерт Костас Статопулос од „Манчестер бизнис скул“:

Belgien Brüssel EU-Gipfel Oktober 2011
На кризниот самит во октомври, евро-земјите донесоа заклучок банките и осигурувањата да се откажат од половина од своите побарувања од ГрцијаФотографија: dapd

„Очигледно во преговорите и натаму се спорни три работи - висината на долгот што би бил доброволно простен, рокот на доспевање на идните државни обврзници, како и каматите за нив“, објаснува Статопулос.

Грција сака камата од четири проценти, но меѓународните доверители настојуваат на шест проценти камата, дотолку повеќе што мора да прифатат и подолг рок на доспевање на обврзниците. Од аспект на доверителите, ваквото барање е разбирливо, но политичкиот притисок за вклучување на приватните доверители би можел уште да се зголемува и да ги принуди да прифатат и пониски камати.

Грчката влада од своја страна пак, би морала да прифати дека нејзините нови обврзници ќе подлежат под британското право. На тој начин, меѓународните доверители добиваат привилегирана позиција при идните репрограмирања на долгови, затоа што владата ќе се откаже од правото да ги менува брзо модалитетите на плаќање преку парламентарни заклучоци.

Да се банкротира, но да не излегува од еврозоната?

Ова предизвикува нерасположение во Атина. Според некои експерти и политичари, министерот за финансии Евангелос Венизелос би требало да ги стави под притисок доверителите и, со оглед на преговорите кои се заглавени, да се заканува од напуштање на еврозоната. Статопулос не е на такво мислење: „Колку и да е привлечна оваа идеја за некои политичари, заканата би имала смисол само тогаш кога Грција би била во состојба да прикаже примарен буџетски суфицит“, оценува тој.

Evangelos Venizelos Griechenland Finanzminister Athen
Евангелос Венизелос најавува договор наскороФотографија: dapd

Берзанскиот трговец Емануел Варсос, смета дека при долг од над 350 милијарди евра, доброволно простување на 50 проценти од долгот и онака не е доволно. Такво делумно простување нема да ги смири актерите на финансиските пазари, оценува берзанскиот експерт. Наместо тоа, според него, Грција мора да се одлучи за тешкиот пат и да отиде во банкрот, но да не ја напушта еврозоната.

Како и да е, грчката влада и меѓународното Здружение на банки ИИФ, сметаат дека е можно делумно простување на долговите во наредните недели. Вчеравечер (05.01) грчкиот министер за финансии Евангелоз Венизелос изрази целосна увереност дека преговорите за простување на долговите би можеле да завршат дури до средината на јануари, значи точно кога во земјата треба да се врати Тројката - ЕУ, ММФ, ЕЦБ.

Автор: Јанис Пападимитриу/ Елизабета Милошевска Фиданоска

Редактор: Ж. Ацеска