1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

270411 Öffnung Arbeitsmarkt Handwerk

7 мај 2011

Економските експерти сметаат дека до 2020 г., поради отворањето на пазарот за работа, во Германија ќе се преселат до 1,2 милиони луѓе од Централна и Источна Европа. Какви последици по пазарот на работна сила ќе има тоа?

https://p.dw.com/p/119Iw
Фотографија: AP


Седум години во приемот во ЕУ, граѓаните од Естонија, Литванија, Летонија, Полска, Словачка, Словенија, Чешка и Унгарија од 1 мај 2011 имаат право да работат во Германија без какви било ограничувања. Но, дали тие навистина тоа и ќе го сторат? Во болниците и во установите за нега, лица кои бараат работа би се прифатиле со раширени раце, зашто голем број места се непополнети. Потреба за работници има и во техничките бранши. Отворањето на пазарот на работна сила е тема за дебата и кај германските занаетчии. Но, Александер Леговски од Централното здружение на германски занаетчии, вели:

„Мислам дека нема да дојдат толку многу обучени занаетчии, зашто веќе има десетина илјади самостојни занаетчии, како на пример од Полска, кои веќе работат во Германија. Тие како самостојни претприемачи имаа право уште во мај 2004 година да работат овде. Сепак, мислам дека интересот за обука во Германија, барем во пограничниот регион во Полска и Чешка, ќе биде голем.“

Потреба има, заинтересирани - не многу

Не се очекува доаѓање на многу обучени занаетчии
Не се очекува доаѓање на многу обучени занаетчииФотографија: Bilderbox

Додека првите места за обука во претпријатијата кои се сместени близу границата се веќе пополнети, во претпријатието „Фриш и Фауст“ во Берлин досега не се пријавил ниту еден заинтересиран од Централна и Источна Европа. Притоа, претпријатието постојано има потреба од нови ученици, зашто бизнисот со поставување, инспекција и санација на цевки за канали, за вода за пиење и за гас оди добро, објаснува Дитер Мисен:

„Работиме во целата држава, а имаме и контакти со арапскиот свет. Имаме претставништво во Бахреин. Имаме вкупно 110 вработени, од кои 22-ца се обучуваат.“

Со голема квота на луѓе што се на обука претпријатието сака да се обезбеди од заканата со недостиг на стручњаци. Се врши обука во шест занимања. Мисен се грижи и за тоа да ги заинтересира младите со мигрантско потекло за обука во занимања како механичар, поставувач на канали, или вработен во администрацијата.

„Соработуваме со образовни институции и со здруженија кои, на пример, се грижат само за мигранти. Во иднина, една четвртина од младите што ги обучуваме треба да бидат деца со мигрантско потекло.“

Економијата како огледало на општеството

Мисен на ситуацијата гледа прагматично. За неколку децении, вели тој, повеќето луѓе во Берлин ќе имаат мигрантско потекло. Ваквата демократска промена треба да се отслика кај составот на вработените. Затоа е разбирливо само по себе што по отворањето на пазарот на работа и граѓани од централно и источноевропските земји ќе бараат работа во Германија:

Дел од претпријатијата интензивно обучуваат млади луѓе, за да не се соочат со недостиг на стручњаци
Дел од претпријатијата интензивно обучуваат млади луѓе, за да не се соочат со недостиг на стручњациФотографија: Fotolia/Marem

„На прво место, треба да се урнат јазичните бариери. Долгорочно, економиите во Европа и натаму ќе се поврзуваат. Ние во Берлин побргу стигнуваме до Полска, отколку до Белгија, Холандија, Луксембург или Франција. Ние овде имаме голем афинитет кон Истокот и тоа ќе се отслика и во економијата.“

Синдикатите предупредуваат

Мисен се радува на секое квалификувано лице што ќе се пријави за работа. Таков став имаат и другите претприемачи. Кај синдикатите расположението не е толку релаксирано и се предупредува од опасноста од евтина работна сила и дампинг во делот на платите. Зашто во иднина и фирми од источноевропските држави кои се членки на ЕУ можат во Германија да работат во делот на услужни дејсности. За своите работници, меѓутоа, во првите шест месеци плаќаат данок според правилата што важат во нивните земји. Истото важи и за социјалните давачки. Тука рокот е две години. Тоа, меѓутоа, значи дека давачките ќе бидат далеку помали од она што го плаќаат германските фирми за своите вработени. Затоа, велат синдикатите, во овој дел е потребно прилично големо подобрување на регулативата.

Автор: Сабине Кинкарц / Елизабета Милошевска Фиданоска

Редактор: Симе Недевски