1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Новите санкции се „пропаганда“

22 ноември 2011

Иранската влада смета дека новите санкции против земјата нема да имаат дејство. САД, Велика Британија и Канада вчера воведоа нови санкции за да го стават Иран под притисок.

https://p.dw.com/p/13Enx
Зградата на Министерството за надворешни работи во ТехеранФотографија: INSA

Новите санкции се „пропаганда и психолошка војна“, соопшти денеска (22.11) портпаролот на иранското министерство за надворешни работи Рамин Мехманпараст.

За да ја стават земјата под притисок, САД, Велика Британија и Канада вчера донесоа одлука за нови санкции против Иран. Американскиот претседател Барак Обама изјави дека Иран го одбрал „патот на меѓународна изолација“.

 Се‘ додека Иран оди по опасен пат, САД ќе најдат начин, сами или во согласност со партнерите, да го зајакнуваат притисокот врз иранската влада, предупреди Обама. Иран може да избере меѓу исполнување на своите меѓународни обврски и избегнување на одговорноста, што ќе донесе зголемен притисок и изолација.

Санкциите што ги претстави американската министерка за надворешни работи Хилари Клинтон се однесуваат дуректно на иранскиот енергетски сектор. Погодени се услуги, стоки и технологии од нафтената индустрија.Финансиските институции во цел свет би требало да ги преиспитаат ризиците од бизнис со Техеран, предупреди американскиот министер за финансии Тимоти Гајтнер. Велика Британија вчера ги прекина банкарските врски со Иран, а опсежни санции во банкарскиот сектор воведе и Канада. Франција повика „веднаш“ да се замрзнат парите на иранската централна банка и да се запре трговијата со нафта со Иран.

Русија, во првите ракции по воведувањето нови санкции, оцени дека тие се неприфатливи и дека го кршат меѓународното право. Со вакви мерки уште покомпликуван станува конструктивен дијалог со Техеран, се вели во соопштение на министерството за надворешни работи на Москва.

Меѓународната агенција за атомска енергија минатата недела во еден свој извештај наведе дека има веродостојни укажувања оти Иран работел на развој на нуклеарно оружје најмалку до 2010 година. Иран ги отфрла обвинувањата.

Автор: ЕМФ/афп/дапд

Редактор: С. Недевски