1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Тестот по германски - висока пречка за брачните двојки?

Маркус Литике/ Александра Трајковска 10 август 2013

Германици кои стапуваат во брак со странци смеат заедно да живеат во Германија. Но, тоа е можно само доколку брачниот партнер зборува германски јазик. Комисијата на ЕУ смета дека со ова се кршат одредбите на Унијата.

https://p.dw.com/p/19NRq
Фотографија: Gina Smith - Fotolia.com

За Асефе Вајндлмајр најважно беше колку што е можно поскоро да се пресели кај нејзиниот сопруг во Минхен. Но, германската држава не ѝ го допуши тоа. И покрај свадбата оваа двојка мораше извесен период да живее одвоено оти Асефе Вајндлмајер не говореше германски.

Според германскиот закон за престој од август 2007 година кога се поднесува барање за доселување на брачниот партнер, тој мора да достави и потврда за основни познавања на германскиот јазик. Асефе Вајндлмајер меѓутоа знаеше само неколку германски зборови. Таа работеше во Техеран за едно големо германско претпријатие како проект менаџер. Покрај нејзиниот мајчин јазик, персискиот говори и арапски и англиски. Нејзиниот сопруг, Германец го запознала на работа.

Asefe Weindlmayr
Асефе ВајндлмајрФотографија: Asefe Weindlmayr

Асефе Вајндлмајер имаше добри предуслови, колку што е можно поскоро да ги стекне бараните јазични познавања. Имено со 26 години сѐ уште е млада, многу добро образована и веќе има искуство во изучување на странски јазици. Но, и покрај тоа за неа не беше лесно да научи германски: „Работев со полно работно време и честопати морав службено да патувам“, вели таа во разговор со ДВ. „Оттука не бев во можност дополнително редовно да одам на курс по германски“.

Вајндлмајер се обиде самата да учи германски. Таа гледаше германска телевизија и го користеше Онлјан-курсот на Дојче веле. Веќе по три месеци интензивни подготовки реши да го полага испитот. „Имав многу стрес и бев по притисок, затоа што знаев дека ова е единствената шанса конечно да можам да живеам со мојот сопруг“. Полагањето беше успешно и по натамошни три месеци конечно ги доби потребните документи и можеше да отпатува кај нејзиниот сопруг во Германија.

Комисијата на Европската унија меѓутоа смета дека со ваквите јазични тестови се крши европското право. Затоа во мај годинава беше покрената постапка поради кршење на договорите против Германија. Германската влада притоа доби можност да се изјасни по оваа проблематика.

Gebäude der EU-Kommission in Brüssel!
Фотографија: picture alliance / Arco Images GmbH

Во суштина станува збор за толкување на законите. Според одредбите на ЕУ за спојување на семејство, земјите членки имаат можност да бараат од странските брачни партнери „интеграциони мерки“. Токму на тоа се повикува германската влада.

Јазичните курсеви не се можни насекаде

Свенја Герхард, правник во Сојузот на бинационални семејства и партнерства во Франкфурт ги познава проблемите на многу брачни парови, кои им ги предизвикува германското право за престој. Нејзиниот Сојуз смета дека јазичните тестови пред пристигнувањето се пограшни. „Во многу земји воопшто нема можност да се посетува јазично училиште“. Исто така честопати нема ниту функционално снабдување со струја и интернет, за на комјутер како автодидакт да се изучи јазикот, згора на тоа треба да се земе в предвид и фактот дека не секој има такви лични предиспозиции.

Герхард затоа се залага за обврзувачки јазични курсеви во Германија. Тоа според неа е поефективно и значително полесно може да се спроведе. Вакви „курсеви за интеграција“ постојат уште сега, меѓутоа како втор степен, откако ќе се стекнат основните јазични познавања во татковината.

Во „Гете институтите“ во светот оваа одредба од 2007 година им донесе значително повисок интерес за курсевите. „Одеднаш добивме дополнителна задача, која претходно ја немавме. Да се ориентираме на оваа нова целна група беше огромен предизвик, исто така и во методолошко-дидактички поглед“ , појаснува Клаус-Томас Фрик, референт за доселување на брачните партнери во „Гете институтот“.

Колку се успешни резултатите од неопходниот испит е многу различно од земја до земја. Додека во 2012 година во земјите како Бангладеш, Косово, Пакистан или Етиопија паднаа повеќе од половина од пријавените, во Јужноафриканската Република, Хрватска, Украина или Русија преку 80 проценти од кандидатите го положија испитот.

Иако и Фрик признава дека во многу делови на светот постојат огромни потешкотии да се стекнат познавања од германски јазик и да се приложи потребниот доказ за тоа, тој смета дека стекнувањето на овие познавања од јазикот пред да се допатува во Германија има смисла.

Конечно за исправноста на германскиот јазичен тест најверојатно ќе треба да одлучи Европскиот суд. За Асефе Вајндлмајер оваа постапка веќе нема никавко значење. Таа во меѓувреме направи голем чекор напред и веќе најде и вработување.