1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Терористи од Пакистан извршители на нападите во Бомбај?

Кај Кистнер/Агенции28 ноември 2008

Индиските сили за безбедност сеуште целосно ја немаат контролата врз градот Бомбај, кој во средата беше цел на терористички напади. Ситуацијата и натаму е напната. Расте и бројката загинати, меѓу кои има и Германци.

https://p.dw.com/p/G3qj
Терор во БомбајФотографија: AP

Трет ден по серијата терористички напади во Бомбај, силите за безбедност се обидуваат да воспостават целосна контрола во градот. Претпладнево официјално беше потврдено дека е ослободен хотелот „Оберои Трајдент.“ Шефот на индиските специјални единици соопшти дека двајцата терористи кои се наоѓале во луксузниот објект биле убиени. Официјално е потврдено дека во објектот се пронајдени тела на 24 загинати. Ослободени се вкупно 94-ца заложници. Во меѓувреме, сеуште се слушаат истрели од хотелот Таџ, во кој еден терорист држи во заложништво повеќе лица. Агенциите јавуваат и за најмалку пет загинати заложници во еврејскиот центар Нариман, кој исто така беше цел на терористичките напади. Израелски дипломати соопштија дека сите загинати биле нивни сонародници.

Во нападите загинаа единаесет странци

Црниот биланс од нападите според последните информации во медиумите изнесува над 155 загинати и повеќе од 320 повредени. Министерството за надворешни работи во Њу Делхи официјално потврди дека во нападите загинале четворица германски државјани. Инаку во акцијата за спасување во хотелот Оберои, спасени се најмалку петмина германски државјани. Станува збор за тројца вработени во авиокомпанијата Луфтханза и две службенички во министерството за надворешни работи. Портпарол на министерството во Берлин изјави дека ослободените се во добра состојба и се префрлени во германскиот конзулат во градот. Претставник на Луфтханза соопшти дека во рацете на терористите повеќе нема вработени од оваа компанија. Инаку пред хотелот Оберои сеуште се собрани луѓе кои чекаат информации за судбината на своите најблиски.

Напаѓачите се од Пакистан!?

Индиските власти уапсиле тројца осомничени терористи. Според медиумски извештаи тие наводно признале дека и‘ припаѓаат на бунтовничката група Лашкар-е-Тоиба од Пакистан, која се бори за независност на регионот Кашмир. Индискиот министер за надворешни работи, Пранаб Мукхерџи, одговорноста за нападите им ја препиша на „елементи во Пакистан“. Сепак засега за таквите информации не постојат цврсти докази. Ова предизвика експресна реакција од Исламабад. Пакистанската влада ја предупреди Индија да не упатува обвинувања на нејзина сметка. Агенциите во меѓувреме ја пренесоа и пораката на пакистанскиот министер за надворешни работи, Шах Мехмуд Куреши, кој повика на засилување на соработката помеѓу Исламабад и Њу Делхи во анти-терористичката борба.

Премиерот Манмохан Синг, претходно порача дека Индија ќе употреби најостри мерки што воопшто можат да се замислат, за да не се повторат вакви терористички напади. Синг смета дека групата што ги изврши нападите е стационирана надвор од земјата и имала намера да создаде хаос во индиската финансиска метропола.

Инаку терористите во средата извршија нападни на најмалку 10 локации во Бомбај. Тие стрелаа од автоматско оружје и фрлаа рачни гранати. Се претпоставува дека напаѓачите во градот пристигнале по воден пат со помош на моторизирарни гумени чамци.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема