1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Се враќа стравот од терористички напади

Роман Гончаренко/ Симе Недевски22 октомври 2013

На околу четири месеци пред Олимписките игри во Сочи, Русија е потресена од терористички напад во градот Волгоград. Опасноста која досега демнеше од заднина повторно се врати на површина...

https://p.dw.com/p/1A3w1
Фотографија: Reuters

„Русите сега се чувствуваат посигурни при возењето во средствата за јавен превоз“ Државниот институт за истражување на јавното мислење ВЗИОМ во Москва на крајот од август годинава објави дека две третини и анкетираните граѓани се задоволни со безбедносните мерки во автобусите , возовите и другите сретства за јавен превоз. Стравот од терористички напади во изминатите две години е „ значително помал“, објави тогаш Институтот.

„Црна вдовица“ од северен Кавказ

Од вчера (21.10.2013) меѓутоа стравот е повторно тука. Во еден градски автобус во Волгоград во јужна Русија, една жена се разнесе себе си. Уште најмалку шест лица загинаа во овој бомбашки напад. Руските безбедносни органи сметаат дека станува збор за терористички напад. Некои од повредените лица се наоѓаат во животна опасност, така што бројот на загинати би можел и да порасне.

Russland Terroranschlag in Wolgograd Explosion im Bus
Волгоград по нападотФотографија: Reuters

Обвинета за нападот е една т.н. „црна вдовица“. Така се нарекуваат сопругите или женските роднини на исламистичките борци, кои изведуваат терористички напади. Во овој случај , според истражителите, станува збор за 30-годишна жена од Махачкала, главниот град на руската република Дагестан во северен Кавказ.

Заострени безбедносни мерки

Тоа што Русите досега се чувствуваа побезбедно, веројатно се должи на заострените безбедносни мерки. Секој кој влегува во воз или автобус, преку разглас и плакати е предупредуван од можни терористички напади. Луѓето се замолуваат доколку забележат сомнителен багаж , веднаш да го информираат машиновозачот или возачот на автобусот.

Од јули 2013 година наваму личните податоци на сите патници се опфатени во централна база на податоци, до која пристап има и службата за внатрешна безбедност ФСБ. И со тоа би требало да се зголеми безбедноста во јавниот превоз. Рускиот парламент - Думата има намера натамошно да ги прошири безбедносните мерки. Предлог-законот предвидува можност за засилена употреба на оружје од страна на безбедносните сили.

Дагестан: најопасната провинција на тероризмот

Од избувнувањето на војната во Чеченија во 1994 година, во Русија имаше повеќе спектакуларни терористички напади. Иако Москва одамна ја прогласи војната за завршена, исламистичките бунтовници од илегала го продолжуваат вооружениот поход против руската држава.

Меѓутоа не Чеченија туку Дагестан се разви во најопасна провинција на тероризмот. 60 проценти од 316 терористички напади колку што во 2012 година ги забележа рускиот Национален антитерористички комитет, се случиле во Дагестан. Годинава тој процент би требало да биде сличен. Речиси секојдневно има напади, во кои најчесто загинуваат полицајци и претставници на правосудството. Така на крајот на септември 2013 година во неговиот автомобил беше убиен врховниот судија на Дагестан заедно со неговиот син.

Eric Frenzel RusSki Gorki Sotschi
Фотографија: picture-alliance/dpa

Спречени напади

Москва и другите големи руски градови, од друга страна, веќе околу три години остануваат поштедени од терористички напади. Последен пад бомба експлодираше во јануари 2011 година на московскиот аеродром Домодедово. Во терористичкиот напад, чии траги водеа во северен Кавказ, загинаа 37 луѓе.

Алексеј Мухин од московскиот Центар за политички информации верува дека „паузата“ на терористички напади во големите руски градови има врска со ситуацијата во северна Африка и на Блискиот Исток. Меѓунариодните терористички организации тежиштата на својот интерес и дејствување ги имаат префрлено таму, вели Мухин за ДВ. Меѓутоа најновата иницијатива на Русија во Сирија предизвика „незадоволство“ кај исламистите, кои се борат против сирискиот претседател Башар ал Асад, истакнува Мухин. Затоа овој експерт не исклучува поврзаност меѓу експлозијата во Волгоград и рускиот став во сирискиот конфликт.

Покрај тоа Мухин упатува и на успешната превентивна активност на руските безбедносни органи, кои навистина имаат спречено повеќе напади. Така на 15 октомври во провинцијата Киров беа уапсени двајца мажи од северен Кавказ кои планирале терористички напад врз една хемиска фабрика. Во мај специјалните сили на полиццијата разбија терористичка група која планирала напад во Москва. Некои од обвинетите биле обучувани во терористички кампови во Авганистан и во Пакистан, соопшти полицијата.

Olympische Winterspiele 2014 Baustelle der Sportstätten in Sotschi
Олимписките објекти во СочиФотографија: Getty Images

Загриженост од напади во Сочи

Експлозијата во Волгоград фрла сенка и врз Зимските олимписки игри кои се оддржуваат во февруари наредната година. „Причините за нападот лежат повеќе во наближувањето на Олимписките игри во Сочи', напиша во својот блог Алексеј Филатов, потпретседател на здружението на ветерани од руските антитерористички единици „Алфа“. Според поранешниот елитен војник, со нападот се тестира силината на Русија. Сочи не е далеку од северен Кавказ. Со години наназад има предупредувања, дека исламистичките бунтовници би можеле да извршат напади за време на Олимписките игри.