1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Тензични протести без поголеми инциденти во Македонија

Б. Георгиевски/кд/миа/бирн11 мај 2012

Протестите во Скопје и други градови низ Македонија привршуваат. Инциденти се забележани пред општината Чаир, каде се полесно повредени снимателот на телевизијата Телма и еден полицаец, кои биле погодени со камења.

https://p.dw.com/p/14txn
Фотографија: MIA

Повеќе илјади Албанци денеска протестираа во Скопје, Тетово, Куманово, Гостивар и други градови во Македонија против, како што тврдат, односот на полицијата кон уапсените во акцијата „Монструм“ за убиството на петмината кај Смиљковско езеро. Протестите, генерално, минаа мирно, со неколку помали инциденти.

Протестите во Скопје започнаа по петочната молитва во Јаја пашината џамија, најпрво пред зградата на Основниот суд во Скопје, а потоа и пред владината зграда.

Демонстрантите дистрибуираа флаери на кои пишува оти тие „ја делат болката на семејствата на загинатите и бараат убијците да се доведат пред лицето на правдата. Протестираме против навредите од владата против нејзините муслимански граѓани и нејзините обиди да исценира политички процес. Згрозени сме од албанскиот партнер во Владата (ДУИ) кои ги легитимизираа навредите од владата кон својот сопствен народ“.

Proteste in Gostivar
Од протестите во ГостиварФотографија: MIA

Демонстрантите извикуваа „УЧК“, „Обединета Албанија“, „Алах е голем“, „Груевски е терорист“, а на транспарентите кои ги носат пишува „Муслиманите не се терористи“, „Сопот 2“...

Завршени протестите во другите градови

Во протестите пред Владата била каменувана владината зграда при што се искршени неколку прозорци, а демолирана е и автобуска постојка што се наоѓа во близина. Искршени биле и неколку прозорци на судската зграда. По завршување на протестите, демонстрантите се упатија кон зградата на општина Чаир. Попат, известувачот на ДВ јавува дека демонстрантите го каменувале седиштето на ДУИ и искршиле неколку прозорци на партиската зграда. Во протестите пред општината, демонстрантите со камења фрлале и кон полицајците, при што биле полесно повредени еден полицаец и камерманот на телевизијата Телма.

И протестите во другите градови минале мирно, а поголемиот дел од демонстрантите веќе се разотишле, јавуваат агенцијата Миа и други македонски медиуми.

Proteste in Skopje
Протестите во Скопје минатата недела (архивска снимка)Фотографија: MAKFAX

На тетовскиот градски плоштад се собраа околу 200 лица кои се упатија кон судот, а потоа кон седиштето на ДУИ во Мала Речица.

Во Куманово протестите почнаа во центарот на градот, продолжија кон судот, општинската зграда и полиција. Инциденти не се регистрирани.

Во Гостивар, демонстрантите носејќи исламски верски симболи и знамиња на Албанија, протестираа по улиците во центарот на градот и пред зградата на Основниот и Апелацискиот суд. Не се регистрирани инциденти во Тетово, Куманово и Гостивар.