1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Тензична состојба во Украина

ЕМФ/дпа21 јануари 2014

Фронтовите во Киев се заострени. Втора ноќ по ред дел од опозиционерите и полицијата водеа улични борби. Екс шампионот во бокс, Витали Кличко, стравува од ескалација со жртви. Лавров го обвинува Западот.

https://p.dw.com/p/1AuMP
Фотографија: Reuters

По новите напади на радикални прозападни демонстранти врз безбедносните сили во Украина, состојбата во Киев е тензична. Стотици демонстранти во текот на изминатата ноќ (20/21.01) фрлаа молотови коктели и камења врз полицијата. Украинскиот опозиционен лидер Витали Кличко призна дека опозицијата „веќе го нема под контрола движењето“.

„Доколку Јанукович продолжи со репресалии, нема да ме зачуди ако наскоро има и жртви“, напиша Кличко во гостински текст во весникот „Билд“. Според него, за такво нешто ќе биде виновна владата на Јанукович која осум недели не сакала да слушне она што стотици илјади луѓе се обидувале да и‘ го кажат мирно.

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров во Москва денеска (21.01) го обвини Западот дека е соодговорен за насилните ексцеси. Со своето учество на уличните протести политичарите од западните земји, кои негуваат дипломатски односи со Украина, испровоцираа насилство. Опозицијата во Киев самата ги повредува европските правила, рече Лавров пред новинарите. Според него, само дијалог и немешање однадвор може да ја смири ситуацијата.

Опозицијата во Украина, меѓу другото, бара предвремени претседателски и парламентарни избори, како и повлекување на законите со кои се ограничуваат правата за демонстрирање. Кличко го обвини украинското раководство дека сака да ја дестабилизира ситуацијата во земјата и да создаде хаос. „Во главниот град се донесени тепачи кои палат автомобили, кои кршат излози, крадат и провоцираат тепачки“, тврди поранешниот светски шампион во бокс.

Vitaly Klitschko Ukraine Ausschreitungen Proteste
Витали Кличко стравува од можни насилства со жртвиФотографија: Reuters

Ултранационалисти подготвени на насилство од претседателот Јанукович бараат да замине во егзил. Во едно нивно соопштение се вели дека доколку тоа не се случи, не може да се гарантира за неговиот живот и животот на членовите на неговото семејство.

Од неделата (19.01) досега во улични борби се повредени повеќе од 200 луѓе. Судирите избија по масовните протести во Киев против заострувањето на законот за демонстрирање. Министерството за внатрешни работи соопшти дека се повредени најмалку 119 припадници на безбедносните сили и дека 80 полициски службеници се се‘ уште на лекување во болница. На дел до уапсените демонстранти им се заканува долгогодишна казна затвор поради учество во масовни немири.