1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Тензиите меѓу САД и Русија стануваат се‘ повидливи

Томас Шмит25 септември 2008

Руската влада ја откажа планираната средба на шефовите на дипломатии на петте земји со право на вето и Германија на која требаше да се разговара за спорната иранска атомска програма.

https://p.dw.com/p/FObQ
Русија и САДФотографија: AP/DW

Напрегнатоста во односите меѓу САД и Русија, на Генералното собрание на ОН станува се‘ повидлива. Портпарол на американското министерство за надворешни работи, пред средбата на американската министерка за надворешни работи, Кондолиза Рајс со рускиот колега Сергеј Лавров, изјави дека односите на двете земји се во тешка фаза. Руската влада ја откажа планираната средба на шефовите на дипломатии на петте земји со право на вето и Германија, на која требаше да се разговара за спорната иранска атомска програма.

Russland Außenminister Sergej Lawrow zu Georgien Abchasien und Südossetien
Рускиот министер за надворешни работи, ЛавровФотографија: AP

Однесување во погрешна насока

Германскиот министер за надворешни работи, Франк Валтер Штајнмаер, изјави дека поради ваквиот потег на Русија е длабоко загрижен: „Тоа многу ме загрижува. Тоа е одење во погрешна насока, во тоа сум цврсто убеден и се надевам дека, на среден рок, ќе можеме да се вратиме на формат на разговори каков што ни‘ е потребен.“

Bundesaussenminister Frank-Walter Steinmeier, rechts, und sein Amtskollege aus dem Iran, Manutschehr Mottaki, links, posieren am Montag, 15. Sept. 2008, in Berlin vor einem Gespraech fuer die Medien.
Германскиот министер Штајнамер и неговиот ирански колега МотакиФотографија: AP

Официјалното образложение од руска страна гласи - планот со термини во неделата на одржување на Генералното собрание на ОН е преполн. Во дипломатски кругови се претпоставува дека на нов термин за разговори, доколку воопшто се закаже, ќе се чека дури по претседателските избори во Иран, во мај, наредната година.

Значи, Техеран може мирно да сочека, зашто резолуција на ОН, што ја бараат пред се‘ САД околу нови санкции врз Иран, во моментов со Русија не може да се донесе. Напротив - сега постојат реални шанси за продолжување на дипломатските напори во односот со Техеран, коментираше руското министерство за надворешни работи по откажувањето на средбата посветена на Иран.

Кавкаската криза виновна за затегнувањето на односите?

Политичките набљудувачи, во меѓувреме, повлекувањето на Русија го толкуваат како реакција на судирот што ескалира меѓу САД и Русија поради кавкаската криза. За Франк Валтер Штајнмаер, откажувањето има лош тајминг. Во однос на најновиот извештај на Меѓуанродната агенција за затомска енергија, Штајнмаер рече дека е штета...„...што разговорите не се одржуваат токму во недела кога меѓународните атомски власти немаат баш поволни оценки за однесувањето на Иран.“

Штајнмаер укажа дека во моментов кризите не можат да се решат, без оглед дали станува збор за Иран, Блискиот исток или Кавказот, се‘ додека Русија и САД не седнат на една маса. Тој нагласи дека ваквиот став ќе го потенцира на средбата со американската министерка за надворешни работи, Кондолиза Рајс.