1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Тензиите во Струга ги смируваат и Германците

2 февруари 2012

Тензиите во Струга и натаму се во фокусот на интересирањето во Македонија. Покрај ОБСЕ свое медијаторство на терен понуди и спроведува и Форумот цивилен мировен сервис.

https://p.dw.com/p/13vnN
Фотографија: Petar Stojanovski

„Како Цивилен мировен сервис ние од самиот почеток ги следиме тензиите во Струга и регионот. Ситуацијата што се случи по карневалот во Вевчани ја сфаќаме како доста сериозна. Сепак гледаме дека постои желба за дијалог и помирување“, изјави за Дојче веле Кирстен Шенефелд од германскиот Мировен корпус со седиште во Струга.

„Гледаме дека неколкуте маски изведени на последниот карневал во Вевчани предизвикаа чувство на навреда и револт меѓу жителите на Струга и регионот кои се од муслиманска вероисповед. Истовремено го разгледувавме и моментот на слобода на говорот и изразувањето и сметаме дека како и во секоја демократија, така и во оваа во Македонија треба да се отвори дијалог кога одредна страна тврди дека со одредени постапки им се повредени религиозните чувствата. Како мировен сервис мислиме дека е потребно двете страни да отпочнат директен и конструктивен дијалог за да се надминат недоразбирањата и тензиите кои не му одат во прилог никому. Генерално карневалите се позитивни настани, но треба да се имаат предвид чувствата на етничките заедници и најдобро би било сите заедно да учествуваат во карневалите“, вели Шенефелд .

Kirsten Schoenefeld
Кирстен Шенефелд од Форумот Цивилен мировен советФотографија: Milco Jovanoski

Главна цел е да отпочне дијалогот Струга – Вевчани

„Во мигов најмногу од се‘ сакаме да се случи дијалог меѓу двете општини Струга и Вевчани и ние ќе го поддржиме тоа. Учествуваме во работата на Советот за превенција во Општина Струга, а контактираме и со ОБСЕ,“ изјави Шенефелд.

По средбата во Струга со градоначалникот Рамиз Мерко претставниците на германскиот Мировен форум заминаа за Вевчани на средба со градоначалникот Перо Илиески и неговите соработници со цел да ги слушнат и нивните аргументи во поглед на тензиите во Струга и регионот, кои за повод го имаа традиционалниот Вевчански карневал.

Форумот три години успешно делува во Струга

Форумот Цивилен мировен сервис во Струга е присутен цели три години и работи врз развивање и подобрување на меѓуетничките односи и демократските процеси во Македонија, особено во училиштата. Вчера во Струга во три училишта повеќе од успешно и без проблеми биле изведени финалните приредби – „Отворени денови “ каде ученците од сите етникуми ги презентирале своите заложби во насока на продлабочување на соживотот.

Автор: Милчо Јованоски

Редактор: Ж. Ацеска