Тенерифа кани на вулканска прошетка
15 јануари 2012Пред околу седум милиони години вулканскиот остров Тенерифа практично изникна од морето. Тој е најголемиот Канарски остров и познат е по неговата животинска и растителна разновидност. Во центарот на островот се наоѓа највисокиот брег на Шпанија наречен Пико дел Тајде. Тој воедно е третиот најголем островски вулкан во светот. Среде вулканскиот предел се наоѓа астрономската обсерваторија за истражување на вселената.
На островот Тенерифа се наоѓа и големиот национален парк со 20.000 хектари, што е заштитен како ретко богатство од страна на УНЕСКО.
Виктор Мартин Фебле веќе десет години работи во националниот парк и е одговорен за чувствителниот еколошки систем: „Секој пат кога ќе дојдам во паркот откривам нешто ново. Дали е тоа некаков сончев зрак или, пак, некоја нијанса на бои. Доколку има невреме небото е црвено.... секогаш се случува нешто ново. Паркот многу често изгледа различно. Токму тоа ме фасцинира“, објаснува Мартин.
Националниот парк секоја година го посетуваат околу три и пол милиони туристи
„Поголемиот дел од растенијата растат околу камењата, бидејќи овде е многу ветровито, а климата е како во пустина. На камењата останува семето од растенијата што ќе го разнесе ветерот. Потоа тие растат околу камењата. Доколку секој од милионите посетители би понел по еден камен од паркот како сувенир, тогаш тој ќе се претвори во голема пустина“, вели Мартин Фебле. Прошетка на туристите низ островот е дозволена само по одредени патишта. Една од главните атракции на Тенерифа е возењето со жичара до највисокиот врв Тајде. „Се разбира дека ми е малку страв од вулканот, но инаку е супер. Околината е прекрасна“, вели еден млад турист.
„Јас сум горда што на Канарските острови се наоѓа највисокиот врв на Шпанија, а истовремено и еден од највисоките во Европа“, раскажува една девојка.
На највисокиот врв на Тенерифа многу ретко има снег. Од планинарскиот дом, кој се наоѓа на 3.550 метри има уште само 150 метри до самиот врв. Оној, кој внимателно гледа, може да го забележи чадот што излегува од внатрешноста на вулканот. Меѓутоа, опасност од негова ерупција нема, велат експертите. Малото градче Гарачико, што се наоѓа покрај брегот северно од врвот Тајде, во 1706 година било целосно уништено по избивањето на еден од многуте помали островски вулкани. Инаку, градчето Гарачико било најважното пристаниште на островот. Денес, градот живее исклучиво од туризмот. Врз студената црна лава некогаш настанало малото и идилично одмаралиште на Тенерифа.
Автор: Елке Шваб / Бисера Огњановска Митров
Редактор: Александра Трајковска