1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Темните сенки на минатото на Бајројт

Томас Сене/ Жана Ацеска25 јули 2012

Изложбата „Замолкнати гласови", отворена во рамките на фестивалот посветен на Рихард Вагнер во Бајројт, зборува за темното поглавје на германската историја-Фестивалот во служба на пропагандата на Хитлеровиот режим.

https://p.dw.com/p/15eMK
Фотографија: picture-alliance/akg-images

 Во паркот пред главната зграда на Вагнеровиот фестивал во Бајројт од ден на ден има се‘ повеќе љубопитници. Оние кои редовно доаѓаат, забележуваат една новина. Околу бронзената биста на композиторот Рихард Вагнер, која ја изработи на времето националсоцијалистичкиот уметник Арно Брекер, годинава се поставени сиви плочи, вкупно 40.

Од далеку тие потсетуваат малку на модерните надгробни плочи. Впечатокот и не е толку погрешен. На плочите имено се втиснати црно-бели фотографии и текстови: биографии на музичарите кои одамна го напуштиле овој свет но некогаш учествувале во работата на Фестивалот. Сите тие истовремено биле и припадници на еврејската вера, а режимот на Хитлер го почувствувале на своја кожа.

Bayreuth Festspielhaus Richard Wagner Festspiele 2011
Фотографија: dapd

Досега секогаш се сметаше дека во време на националсоцијализмот во Германија својот живот го загубиле само двајца еврејски музичари, членови на оркестарот на Фестивалот. Но, најновите истражувања на светлина изнесоа сосем друга бројка. Се работи за 12 музичари одведени во концентрациони логори, а потоа убиени. Но истото научно истражување, чиј плод е и оваа изложба, потврди уште една трагична занимливост и историски факт-дека членовите на Вагнеровиот клан прифатиле и ширеле антисемитски ставови и идеи многу пред доаѓањето на власт на Адолф Хитлер, со што на некој начин му подготвиле „плодно тло“.

Незгодна тема за семејството Вагнер

„Замолкнати гласови, фестивалот во Бајројт и Евреите од 1876 до 1945. година“, вака гласи насловот на изложбата која на многу едноставен начин ги изнесува најновите сознанија врзани за оваа проблематика. Освен неодамнешниот скандал по ненадејното заминување на рускиот оперски пејач Евгени Никитин поради фактот што на градите има истетовиран кукаст крст, и оваа изложба на годинешниот фестивал му дава посебен печат и уште поголема привлечност.

Изложбата може да се посети на Зеленот брег се‘ до 14. октомври оваа година, кога ќе се пресели во просториите на Градскиот совет во Бајројт. Содржински, таа првенствено е посветена на темата „чистење“ на германските оперски куќи од еврејски музичари, членови на оркестри и театарски групи во ерата на нацизмот. Но, едно од нејзините тежишта сепак е Бајројт. За историчарите оваа изложба е јасен сигнал на всушност претпазлив, но сосем нов обид на приближување на семејството Вагнер кон оваа деликатна тема.

Вагнеровиот расизам

„Рихард Вагнер сосем сигурно во својот памфлет ’Еврејството во музиката’, како и со многу антисемитски ставови, особено во последните години од животот, на своите семејни наследници им остави јасни и идеолошки чисти рамки. Тој навистина бил радикален антисемит. Неговиот концепт бил-бркање на сите Евреи од земјата и тоа уште во 1879. година“, вели Ханес Хер, кустос на изложбата.

Тој потсетува на случајот на еврејскиот диригент Херман Леви. Него Вагнер го „трпел“ иако бил од еврејска раса само зашто Леви ја уживал поддршката на кралот Лудвиг втори.

„Леви поради тоа бил дури и водител на премиерата на ’Парсифал’. Но, Вагнер го мачел и го понижувал. Од другастрана, тој бил и фасциниран од него и неговите диригентски капацитети“, вели Хер.

Вагнеровата сопруга пак била уште порадикална.

101. Bayreuther Festspiele Wagner Büste
Фотографија: picture-alliance/dpa

„Таа на Зелениот брег спроведувала некој вид политика на апартхејд. Откако по смртта на сопругот го презела водството со Вагнеровиот фестивал, се изживувала над Леви и другите еврејски музичари и тоа на најлош можен начин. Еден по еден едноставно ги отпуштала“.

Посебноста на изложбата „Замолкнати гласови“ не е само бројноста на документите и фотографии на 44 музичари од германската оперска сцена во тој период, туку и-нивните гласови. Имено, во Собранието во Бајројт посетителите ќе имаат прилика да слушнат некои од оригиналните снимки на музичарите, односно оперските пејачи чија кариера била насилно прекината зашто биле Евреи.

Исто така изложбата дава увид и во семејството Вагнер. На пример, овде можат да се видат материјали кои докажуваат дека снаата на Рихард Вагнер, Винифрид, која го водела Фестивалот до 1944. година, од првите денови ги симпатизирала националсоцијалистичките идеи.