1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Тежок земјотрес ја погоди источна Турција

23 октомври 2011

Градот Ван е веројатно најтешко погоден од земјотресот со сила од 6,6 степени. Спасувачките служби веќе трескавично трагаат по преживеани во урнатините.

https://p.dw.com/p/12xHc
Повредено дете во земјотресот во градот ВанФотографија: AP

Американската сеизмичка служба информира дека според нејзините мерења земјотресот имал дури 7,3 степени според Рихтеровата скала. Кусо време по главниот потрес, се почувствувал уште еден со сила од 5,6 степени.

Турската новинска агенција Анадолу јави дека во градот Ван се урнале повеќе зданија, меѓу кои и една станбена зграда со седум спрата. Во неа веќе се пронадјени безживотни тела, а има и поголем број преживеани кои уште се под урнатините. Спасувачките екипи се на теренот. Во градот Ван живеат околу 380.000 луѓе.

Schweres Erdbeben in der Türkei
Жители се обидуваат да спасат затрупани во местото Табанли, блиску до градот ВанФотографија: AP

Турската сеизмичка служба порача дека епицентарот се наоѓал во местото Табанли. Неговиот градоначалник Бекир Каја за ТВ станицата НТВ изјави дека има оштетени згради, но од таму уште нема информации за жртви.

Земјотресот предизвика масовна паника и ТВ снимки покажуваат поголем број луѓе во бегство.

Во меѓувреме турската влада потврди дека има и жртви од земјотресот. Кризниот штаб во Анкара не даде подетални информации за бројот не жртвите. Премиерот Реџеп Таип Ердоган наскоро ќе го посети погодениот регион, во кој организацијата на Црвената полумесечина на Турција веќе испраќа шатори и санитетски материјал.

Автор: ГЧ/ЖА/ртр/дпа

Редактор: Ж. Ацеска