1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Театар за да се зачува јазикот

Милчо Јованоски 17 декември 2008

Ромите можат, знаат и умеат. Талентот за песна и игра им тече во врелата крв. Свесни се дека против засилената асимилација можат да се борат само преку еманципација и чување на јазикот и културата.

https://p.dw.com/p/GHfe
Фестивалот сака да излезе од балкански рамки и да ги опфати Ромите од ЕвропаФотографија: picture-alliance/ chromorange / Fotomontage DW

Во Охрид заврши Шестиот аматерски театарски фестивал на Ромите „Гарваде мујав“ (Скриени лица). Организатор манифестацијата беше Здружението на љубители на ромска фолклорна уметност „Романо ило“од Скопје. Настапија театарски групи од Македонија, Србија, Хрватска и Албанија. Уметничкиот директор на фестивалот, Бранислав Петровски, вели:

„Ние со гордост треба да кажеме во оваа Република дека сме Роми и граѓани од прв, а не граѓани од втор ред. Ние сме рамноправни. Ги имаме сите услови тука и да не почнуваме со дискриманиција и да фрламе камења по тие што не се Роми или по некои други. Дискриминацијата е многу потешка кога доаѓа од нас, самите Роми“, вели Петровски.

Ако го нема театарот ќе го нема и јазикот

Според него, затоа е направен обид да се соединат сите од Балканот за да се негува и чува ромската култура. „Со тоа ќе покажеме дека и ние сме едуцирани, затоа што веќе имаме академски граѓани. Сакаме да имаме театар на ромска драма, да имаме наша дирекција на ромска култура, да имаме се‘ она како што имаат и другите“, нагласува директорот на фестивалот.

Од почетоците на Културно-уметничкото друштво „Пралипе“, среде Скопје, до денес мина многу време. Уметничкиот директор на „Романо ило“, Петровски е убеден дека културните достигнувања можат да ги одржат Ромите и нивниот јазик.

„Ако го нема театарот ќе го нема и ромскиот јазик. Нашата поента е да се детектира нашиот мајчин јазик, да го учиме. Кога можеме да учиме англиски, турски или некој друг јазик, зошто да не го учиме и негуваме нашиот ромски јазик.“

Работа без донации

Гостинот од Албанија, Ибрахим Ликзелија, вели: „Во Тирана стануваат свесни дека без нас и останатите малцинства не можат во Европа.“ Нивното здружение е мошне младо, формирано е пред два месеца.

Roma in einem Park in Tirana Albanien
Роми во АлбанијаФотографија: Aida Cama

„Работиме без донации“, додава Ликзелија објаснувајќи дека во моментов повеќе се работи на полето на обуката на жените и на едуцирање цели семејства за начинот на исхрана и грижа за ромските новороденчиња. Но, по учеството на некои манифестации се зафативме со афирмација на нашиот фоклор, а догодина сигурно во Македонија ќе дојдеме со театарска група“, заклучува Ликзелија.

Ромите се чувствителни

Во Хрватска, Ромите бележат напредок, задоволно нагласува Велија Хусеин од Пула, режисер на театарот што гостуваше во Охрид.

„Хрватска вложува многу во Националната програма за Декадата на Ромите. Така, само последниве три години успеавме да запишеме десет Роми на факултет. Над 200 лица завршија средно образование, а бројот на оние кои се во основно или веќе го завршиле, е многу голем. Јас им велам подајте ни‘ рака и ние Ромите ќе возвратиме.“

Хусеин побара од Ромите да престанат да талкаат и да го покажат вистинското лице:

Kosovo Roma im Flüchtlingskamp in Serbien
Едукацијата на Ромите е приоритетФотографија: DW

„Ромите секогаш се чувствителни. Тие никогаш не ги затворале патиштата со демонстрации. Секогаш биле мирољубиви кон другите. Тие се само темпераментни, а тоа може да зрачи позитивно во нивните напори за подобар живот.“

Секој почеток е тежок

Фестивалот го поддржа и македонското министерство за култура. Публиката за жал не беше прекубројна. Можеше да се забележи дека некои од посетителите за првпат гледаат театар и се среќаваат со оваа уметност. Но, радоста беше евидентна:

„Луѓето за жал беа многу слабо информирани околу оваа манифестација. Но, секој почеток е тежок. Се надеваме дека друг пат ќе има трипати повеќе публика“, вели еден од присутните, а друг додава:

„Ние сме среќни што еднаш годишно се случува ваква манифестација. Мислам дека сите етнички групи треба да се ценат повеќе меѓу себе. Тоа го очекуваме и од државата - Република Македонија многу повеќе да ги цени Ромите бидејќи тие покажуваат дека имаат култура“.

По пет години во Скопје, овој регионален фестивал на ромскиот театар се пресели во Охрид. Како и ромските карвани кои талкале по светот, догодина тој ќе замине кон Делчево, со надеж дека ќе ги надмине балканските рамки и ќе прибере Роми-актери од Европа и светот.