1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Театарска претстава со затвореници

23 јули 2011

На сцената тие веќе не се граѓани од втор ред. Слободни се, дури може да се каже дека се ѕвезди. Берлинската театарска група „Ауфбрух” соработува со затвореници, со кои ја поставува претставата „Дон Кихот.“

https://p.dw.com/p/121X6
Снимка од проба на новата претстава на театарската куќа „Ауфбрух"Фотографија: Thomas Aurin

„Ауфбрух“ претставува една од посебните театарски куќи во Германија. Режисерите, продуцентите, костимографите и драматурзите доаѓаат од висоско образовни стручни кругови, но актерската постава во потполност се состои од осудени затвореници. Во својата тринаесетгодишна историја оваа театарска куќа (чие што име всушност значи освестување или тргнување, почеток), организираше претстави во неколку затвори во Германија, како и во странство, во земји како Чиле и Русија, но секогаш радо се враќа во берлинскиот затвор, место каде што почна целата приказна - Тегел.

Тегел е најголемиот германски затвор со најстроги безбедносни мерки во кој се сместени околу 1.500 затвореници. Големата и страшна бетонска зграда датира од 19-от век. Девет затвореници токму од тој затвор моментално учествуваат во изведба на последното дело на „Ауфбрух“, „опен -ер“ верзија на сервантесовата класика „Дон Кихот“, која се прикажува на импровизираната затворска сцена од метал и дрва, потполнета со огромни ветерници. Овие претстави се под строг надзор - публиката мора да ги остави своите портмонеа, мобилни телефони , клучеви, па дури и гумите за џвакање во сандачињата зад затворските врати. Но, претставите од овој вид сепак создаваат единствен мост помеѓу активната општествена заедница и оние кои од неа се исклучени.

По патиштата на уметноста

JVA Aachen Probenfoto von Don Quichote
Затвореници како артистиФотографија: Thomas Aurin

Всушност врската помеѓу внатрешниот и надворешниот затворски свет е централна тема на неодамнешниот Меѓународен затворски симпозиум, кој се одржа на берлинскиот институт Сервантес. „Ѕидот во затворот очигледно служи како заштита против бегањето на затворениците” коментира Ралф Адам, управник на тегелскиот затвор, и додава дека таквата физичка бариера сепак создава чувство на мистичност и таенственост, што за театарот е исклучително важно. „Во Берлин се разви полиберална тенденција во нашиот криминален систем” изјави Адам за Дојче Веле. „Секако многу од тоа зависи од управникот на затворот. Јас лично верувам дека креативноста и поттикнувањето на човековото творештво е исклучително важно ако сакате позитивно да делувате на луѓето. Всушност, тоа е нашата работа и наша цел – позитивно влијание”, дополнува тој.

Берлинската министерка за правосудство, Гизела фон дер Ауе, објаснува зошто градските власти го поддржуваат овој и сличните проекти: „Сакаме нашиот казнен систем да го направиме потранспарентен и поразбирлив. Немаме што да криеме. Се обидуваме да ги приближиме идејата и целите на казнениот систем на нашите граѓани. Овде седат луѓе кои залутале, а сметам дека театарскиот систем е добар начин да им се покаже вистинскиот пат“, вели Фон дер Ауе. Но, сепак постојат јасно одредени граници. Иако е делумно финансиран од страна на градскиот буџет за култура, проектот во голема мерка зависи од приватните донации.

Затворското перо на Сервантес

JVA Tegel, Gefängnis in Berlin
Внатрешниот дел на затворот ТегелФотографија: DPA

Претставниците на затворските театарски проекти од Австрија, Романија, Шпанија, Португалија, Чиле, Мексико, Аргентина и Велика Британија се собраа на петдневен симпозиум со цел да ги разменат идеите, искуствата и советите. Можеби берлинскиот „Ауфбрух” токму во чест на исклучителната шпанска иницијатива на симпозиумот одлучил да ја постави претставата за Дон Кихот. Писателот Сервантес неколку пати во текот на својот бурен живот бил притворан. Некои теоретичари дури сметааат дека работата на своето ремек дело ја започнал за време на служењето на казната. Долгогодишниот режисер на „Ауфбрух”, Петер Атанасов, смета дека затворот како место на работата на претставата ја нагласува мрачната компонента на Дох Кихот.

„Луѓето овде седат и чекаат и чекаат. Некако мора да го убијат времето, што всушност и го прават со помош на телевизијата, книгите и дрогата”, изјави Атанасов. „Ние им даваме увид во она што се случува кога некој како Дон Кихот навистина стапува во надворешниот свет. Некој кој со години седи дома, наеднаш станува и се одлучува дека сака да го промени светот. Тоа звучи речиси како невозможен потфат”, објаснува Атанасов.

Штиците кои значат нов живот

JVA Aachen Probenfoto von Don Quichote
Проба на претставата „Дон Кихот"Фотографија: Thomas Aurin

Артистите исто така развиле псоебно чувство на поврзаност со ликовите. Во оваа експериментална изведба имено шестмина затвореница ги оживуваат протагонистите, на секој притоа им ја нудат својата визија и интерпретација. „Мислам дека улогата на Дон Кихот многу добро ми легна“, изјави Норман Бургер и додаде: „ Се борам против законите. Не на законот сам по себе, туку против неправедностите во законот, бидејќи првенствено се залагам за добро. Законот е тој кој има врховна моќ, бидејќи моментно бележам само еден мал успешен потфат, но сепак сум горд на себе.”

Фолкер Улмансман ја гледа својата улога во оваа претстава како продолжение на терапијата за совладување на бесот. „Давам се` од себе во улогата што ја играм. Таков сум. На пример, кога им викам на берберите во претставата, така отприлика се однесувам и кон моите колеги во затворот кога ќе се налутам. А дури кога потполно ќе се разбеснам, тоа веќе ме потсетува на моето злосторство,” расакажува затвореникот Фолкер. Неговата задача, како и на сите останати затвореници, е да се повлече црта помеѓу приватните и службените цели. Едно од најважните правила на оваа театараска куќа е дека приватниот живот, казните и злосторствата немаат никакво влијание на ангжманот во претставата: вистинските животни драми остануваат зад кулисите. На сцената затворениците се стопуваат со своите улоги, а „Ауфбрух” им овозможува привремен излет во еден друг свет, градејќи ја на тој начин врската помеѓу инаку неспоивите публика и артистите.

Автор: Бен Кнајт / Светлана Брик

Редактор: Трајче Тосев