Тајниот свет на сатанистите
16 август 2010„Татко ми беше на видна позиција во сектата и рано почна да ме тренира да функционирам како што сакаат тие, да им допуштам се‘ без да плачам и врискам, да не реагирам на болки и да не кажувам ништо на други. Сите требаше да правиме како што ќе рече водачот.“, раскажува Лаура, која живее во едно мало гратче во близината на Минстер.
Сатанистите водат двоен живот
За Лаура, порано главен бил сатаната, во негово име трпела се‘ и слепо им се потчинувала на мажите. Била воспитана да живее двоен живот, за надворешниот свет како нормална ученичка, а во другиот таен свет да учествува во грозоморните обреди. Особено загрижува сознанието дека токму нејзините родители ја вовлекле во сатанистичките кругови, вели научничката за религија од Марбург, Аделхајд Херман-Фант. Тоа е особено брутална форма на сатанизам, која општеството не ја сфаќа сериозно:
„Младинските сатанистички групи се безопасни во споредба со ова. Но, оние кои ги спроведуваат ваквите опасни култови се кријат. Тие се во нашето општество, но секако не излегуваат со крстови наопаку или нешто слично. Тие не сакаат да се знае кои се до крајот на животот, дури и по нивната смрт.“
Свештеникот Алфонс Штрот од католичката бискупија во Оснабрик со години ги поддржува бившите членови на сатанистичките култови. Проблемот е што жртвите се истрауматизирани и повеќето се психички болни. Затоа е тешко да се процени дали она што го кажуваат е вистина. На оние кои истапиле од сектата не им е лесно, многу од нив повторно се враќаат во сектата поради притисоците. И Штрот понекогаш се плаши:
„Од самиот почеток ми се закануваа дека ќе ги уништат црковните миси, што некогаш се случуваше, или дека ќе ги дигнат црквите во воздух. Јас имам обезбедување. Чувството дека постојано ми се во близина често е застрашувачко.“
Грозоморни ритуали со крвопролевање
Страшните ритуали се уште една причина зошто феноменот сатанизам веќе не смее да се игнорира, вели научничката за религија Аделхајд Херман-Фант, која истражува што ги поттикнува луѓето да пристапат во такви групи:
„Тоа се навистина трансцендентни сознанија, дека најчесто крвопролевањето игра значајна улога. Овие луѓе велат дека на тој начин е поголемо доживувањето. Значи кога гледаат како тече крв тие се возбудуваат и затоа тоа се применува во овие култови.“
Лаура вели дека истапила од сатанистичкиот култ на нејзините родители, кога требало да добие дете. Жените останувале бремени на церемониите, се пораѓале со ритуали и детето се принесувало како жртва. Таа ставила крај на тоа и денес живее во прифатилиште за истрауматизирани жени во Долна Саксонија, со силно обезбедување. Досега не поднела тужба, но целата приказна ја оставила кај својата адвокатка:
„Ако умрам, дури и ако направат да изгледа како несреќен случај или самоубиство, сите податоци ќе бидат пратени на државното обвинителство. Тоа е еден вид животно осигурување, за повеќе да не се осмелат да ме повредат или убијат.“
Автор: Хајке Цафар / Јасна Мушиќ Јанчулева
Редактор: Жана Ацеска