1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Тајланд: опозицијата одбива преговори со владата

Б. Георгиевски/ртр/афп2 декември 2013

Тајландската премиерка Јинглук Шинаватра денеска најави дека ќе се обиде на секој начин да изнајде мирно решение за политичката криза во Бангкок. Полицијата со гумени куршуми и солзавец против демонстрантите

https://p.dw.com/p/1ARv5
Фотографија: picture-alliance/dpa

Јинглук Шинаватра на прес-конференција најави дека полицијата нема да употребува сила против демонстрантите, но државниот шеф за национална безбедност соопшти дека била употребени гумени куршуми откако демонстрантите се пробиле во непосредна близина на владината зграда.

Бројот на демонстрантите кои бараат оставка од владата, денеска е далеку помал, за разлика од викендот кога десетици илјади луѓе излегоа на улиците.

„Комбинираме меѓу употреба на водени топови, солзавец и гумени куршуми“, изјави Парадорн Патанатбур, директор за национална безбедност. „Гумените куршуми ги користиме само во еден реон, а тоа е во близина на владината зграда“, потврди тој.

Очевидци и новинари на местото на случувањата велат дека забележале и демонстранти кои пукале во правец на полицијата која ги обезбедува владините згради. Во судирите кои се случија за време на викендот загинаа најмалку 4 лица, а десетици се повредени.

Демонстрантите во повеќе наврати безуспешно се обидоа да ја заземат и полициската централа во Бангкок, но најавуваат дека нема да се откажат. Лидерот на протестите, Сутеп Таугсубан, кој веќе го одби повикот за преговори на Јинглук, очекува дека полициската зграда наскоро ќе биде освоена. Сутеп е поранешен пратеник од редовите на Демократите, кој поднесе оставка во парламентот за да ги предводи протестите. Тој вчера се состана со Јинглук, но и двата табори тврдат дека не се преговарало за ставање крај на длабоката политичка криза. Сутеп и даде рок на премиерката до утре да поднесе оставка на функцијата. За понатаму, тој предлага формирање на Народен совет кој би ја заменил владата и истакнати личности да делуваат како парламент.

Thailand Proteste 02.12.2013
Фотографија: picture-alliance/dpa

Јанглик денеска повторно ги одби повиците да поднесе оставка. На барањата на Сутеп, власта одговори со кривична пријава и налог за апсење за него, под обвинение за предизвикување „бунт“.

Насилството кое започна минатата недела е последното поглавје од конфликтот меѓу средната класа и ројалистите од Бангкок од една страна, наспроти руралните и сиромашните поддржувачи на Јинглук и нејзиниот брат Таксин Шинаватра, поранешниот премиер кој избега од земјата по обвинувањата за корупција.