1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Тајланд: Обид за блокада на изборите

ЖА/дв/миа23 декември 2013

Антивладините демонстранти денеска во главниот град на Тајланд, Бангкок, се обидоа физички да ги спречат партиите да се регистрираат за изборите во февруари.

https://p.dw.com/p/1AezK
Фотографија: Christophe Archambault/AFP/Getty Images

Демонстрантите го блокираа стадионот на кој се одвиваше регистрацијата, што е најнова тактика на антивладините противници, кои бараат оставка на премиерката Јинглак Шинаватра.

Претставници на владејачките партии и на уште осум партии меѓутоа успеаја да се регистрираат, влегувајќи на стадионот тајно во текот на ноќта, соопшти тајландската Изборна комисија. Комисијата соопшти дека повеќе од 20 партии успеале да се пријават за изборите во околната полициска станица.

Јинглак Шинаватра ги закажа изборите за 2. февруари во обид да ги намали тензиите во земјата, во која веќе неколку недели се одржуваат масовни протести, кои на неколку пати преминаа во насилни.

Тајланд е во перманентна криза од 2006. година кога војската го смени од власт Таксин Шинаватра, братот на Јинглак, кој потоа побегна од земјата за да избегне затворска казна за корупција.

Опозициските лидери велат дека нема да бидат задоволни само со смена на премиерката, туку сакаат да го ослободат Тајланд од нејзиното моќно семејство.

Практично, во судир се елитата и образованата средна класа на Тајланд со сиромашната селска гласачка база на кланот Шинаватра, придобиени со популистичка политика.