Тајландската премиерка нуди референдум
8 декември 2013Ако мнозинството граѓани на Тајланд одлучи дека сака нејзина оставка, таа е подготвена да се повлече од власт, вели тајландската премиерка Јинглак Шинаватра. Таа сепак го отфрла барањето на опозициониот лидер Сутеп Таугсубан за предавање на власта во рацете на Народен совет. Според Шинаватра, ваквото барање е недемократско и е спротивно на Уставот.
Во меѓувреме, опозиционата Демократска партија соопшти повлекување на своите пратеници од Парламентот, поради тоа што тој ја загубил својата демократска легитимација. Лидерот на партијата Абхисит Веџаџива изјави дека пратениците сега ќе им се приклучат на протестите на противниците на Владата.
Во Тајланд со недели има протести против власта. Демонстрантите ја обвинуваат Владата за корупција и бараат нејзина оставка. Новиот бран протести беше поттикнат од контроверзен закон за амнестија. Демонстрантите стравуваат дека братот на Јинглак, Таксин, кој беше соборен од власт во 2006 година и сега е во егзил во Дубаи, сака да се врати во земјата. Законот за амнестија беше стопиран од страна на Сенатот, но протестите не стивнуваат.